Рубрика: Биологија
Билките сепак зборуваат?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.04.2023 - 13:00

Оние кои одамна нѐ следат веројатно ќе се сетат на фељтонот ‘Мистерии на науката’, во којшто Стојмир Симјаноски и Владимир Филевски дебатираа за некои од недоволно истражените подрачја од науката и за теми за кои има различни ставови и толкувања кои ја скокоткаат фантазијата на сите љубители на науката. Во една од овие дебати тие разговараа и на тема “Имаат ли билките душа?” (види тука и тука). Се чини дека барем на дел од некои од тезите и тврдењата за коишто тие тогаш дебатираа стигнуваат можни одговори од навидум солидни научни истражувања.

Уште во 2011 години известивме за едно истражување чиишто резултати укажуваа на тоа дека растенијата можат да комуницираат помеѓу себе, но сега истражувачкиот тим од Универзитетот во Тел-Авив во Израел, отиде чекор понатаму. Имено, тие тврдат дека растенијата умеат да ‘зборуваат’. Па добро, не баш да зборуваат, но секако да испуштаат звуци во околината што човечкото уво, за жал, не може да ги регистрира.

Тишина молам, се снима 'говорот' на билките

Резултатите од нивното истражување беа објавени минатата недела во научното списание Cell, а во нив се открива дека растенијата не ‘патат во тишина’ кога се под стрес, ами своите страданија ги споделуваат со околината испуштајќи јасно препознатливи звуци, слични на пуцкање, кои другите растенија или животинските видови можат да ги регистрираат. Притоа, зависно од типот на емитуваниот звук, можно е со добра прецизност да се следи непријатноста што растението ја трпи и итноста на ситуацијата во којашто тоа се наоѓа.

Јоси Јовел, Лилах Хадани и нивните колеги, го забележале ова слушајќи ги снимените „испади“ на повеќе примероци од растенијата тутун (Nicotiana tabacum) и домат (Solanum lycopersicum) распоредени во мали кутии, изолирани од секаква надворешна бучава и внимателно следени со микрофони. Поставката овозможила снимање на звуци што луѓето не се во можност да ги слушнат. Па така, биле забележани крцкања во ултразвучниот опсег, на фреквенции помеѓу 20 и 100 килохерци, што е многу повисоко од нашите аудитивни способности, но сепак не и за некои други животински видови како глувците или молците, на пример.

Јоси Јовел и Лилах Хадани водечките автори на трудот објавен минатата недела во Cell

Снимениот звук, обработен на начин што овозможува да биде регистриран и од човечкото уво, можете да го послушате на видеото долу, а звучи слично на пукање на обвивката од меурчиња. Се смета дека звукот се должи на феноменот на кавитација – формирање на воздушни меури во течностите со вода и хранливи материи кои течат во ксилемот, растителното ткиво кое го транспортира сокот од корените до лисјата. При распаѓањето воздушните меури произведуваат карактеристичен звук на пукање. И бидејќи овој процес е поверојатно да се случи ако растението е многу жедно, сосема е извесно дека растението кое не е наводнето може да произведе повеќе бучава. Всушност, растенијата што биле “жедни” или имале исечен корен произведувале околу 35 звуци во текот на еден час, додека оние кои не биле под стрес биле потивки, огласувајќи се само еднаш на час.

Понатаму, кога истражувачите се послужиле со модел за машинско учење за да ги анализираат звуците што биле емитувани и да ги поврзат со типот на стрес што го претрпуваат растенијата, тие биле во можност во 70% од случаите правилно да заклучат дали звуците доаѓаат од жедни или од неодамна исечени растенија. Тоа значи дека звуците не се случајни, туку укажуваат на потреба, и дека ако научиме да ги дешифрираме би можеле, на пример, да ги подобриме техниките на одгледување.

Тимот можел да го регистрира истиот вид звуци од други растенија во стаклената градина: обична пченица (Triticum aestivum), пченка (Zea mays) и обична лоза (Vitis vinifera). Дури и овие мошне култивирани растенија прават звуци кога се жедни. Претходно, истиот истражувачки тим покажа дека растенијата ги „слушаат“ звуците околу нив (барем некои) и реагираат соодветно на тоа. Вечерните јаглики (Oenothera drummondii), на пример, произведуваат посладок нектар како одговор на зуењето на пчелите во нивна близина.

Трудот објавен во Cell сѐ уште чека на научна рецензија и репликација на резултатите

Клучни зборови:
'Растителните' звуци се разликуваат во интензитетот зависно од 'тортурата' што растението ја трпи или отсуствува

'Растителните' звуци се разликуваат во интензитетот зависно од 'тортурата' што растението ја трпи или отсуствува

Тишина молам! – билките зборуваат

Тишина молам! – билките зборуваат

Јоси Јовел и Лилах Хадани водечките автори на трудот објавен минатата недела во Cell

Јоси Јовел и Лилах Хадани водечките автори на трудот објавен минатата недела во Cell