Лејла Рамковска за љубовта со Роберт Билбилов: Му пратив букет цвеќе за роденден и оттогаш сме неразделни

Фото: Приватна архива

Лејла Рамковска, долгогодишна инструкторка по јога, веќе подолго време е во љубов со музичарот Роберт Билбилов. Нивната љубовна врска почнала по долгогодишно пријателство и не е тајна дека се среќни. Во интервјуто за „Слободен печат“ со Лејла зборувавме за љубовта, јогата, мајчинство, музиката…

Веќе подолго време со Роберт Билбилов сте во љубовна врска. Најпрво ќе те прашам дали си среќна?

– Среќа е кога двајца се сакаат, вложуваат и се посветени еден на друг. И да, среќна сум.

Како почна љубовта со Роберт, колку време сте заедно?

– Кога нешто треба да се случи, се случува во вистински тајминг, но реално, јас го направив првиот чекор и за неговиот роденден му пратив букет цвеќе со мала посвета и оттогаш сме неразделни.

Дали сте оптоварени со љубопитноста на околината и како тоа влијае врз вашата врска, со оглед на тоа што и двајцата имате зад себе по еден брак?

– Иако сме јавни личности, сепак сме обични смртници како и сите други, а ние сакаме да дадеме пример и да ги охрабриме луѓето да веруваат во љубовта и во здравиот однос. Многу ми е мило што добиваме поддршка и многу позитивни коментари од луѓето околу нас и од јавноста.

Фото: Приватна архива

Пееше придружни вокали со Роберт. Како успеа да те убеди и има ли шанса почесто да те гледаме како дел и од оваа работа?

– Многу лесно ме убеди. Сакам да пеам, тоа ми доаѓа како медитација. Роберт ме охрабри, ме мотивира и го извлече најдоброто од мојот глас, всушност, тој тоа најдобро знае да го прави.

Имаш син и ќерка. Дали си строга мајка и успеваш ли да доведеш во ред сè по дома?

– Понекогаш сум строга, особено во фаза на критични години во пубертет (син ми има 15 години, ќерка ми 11), па мора да се покаже авторитет и да почитуваат правила за да имаат ред и здрави навики. Во справување со секојдневните обврски ми помагаат и децата и со тоа стекнуваат одговорност. Имаат почитување кон мојата работа, бидејќи се свесни колку е тоа важно за да можеме да функционираме како семејство. Но, пред сè, јас сум нивниот најголем другар, кому може да му кажат сè.

Одамна се занимаваш со јога, како почна оваа приказна и како стана инструктор?

– Со јога почнав да се занимавам поради свои здравствени проблеми и по препорака на лекар. Потоа завршив обука за јога учител кај мојата учителка Неда Коцаре, на која ќе ѝ бидам вечно благодарна… Инструктор сум сите овие години и секогаш ќе ме движи истата енергија што ја добивам од моите практиканти. Премногу сум благодарна на лојалноста и на довербата. А, сега поради сè поголем број практиканти, држам секој ден часови во моето студио „Клуб8“, но имам и достапни онлајн програми за почетници, програма за динамичен начин на живот, а сега ја подготвувам и најбараната програма, а во тек е 30-дневниот предизвик до рамен стомак.

Фото: Приватна архива

Како јогата може да го подобри нашето здравје и како вежбањето влијае врз телото?

– Со практикување јога, имаме подобро разбирање на себеси, градиме сила што е поткрепена со флексибилност, физички и психички. Подобри сме кон самите себе, но и за околината… Јас сум сведок сите овие години, не само на мојата лична трансформација, туку и на илјадници луѓе што самите ми кажуваат дека животот им се променил. Ние правиме промена во општеството.

Освен јогата, што друго е интересно и карактеристичното за тебе, а не го знае јавноста?

– Сакам природа, добра музика, возење велосипед, добра храна. Премногу ги сакам кучињата, галењето и играта со нив ми делува терапевтски.

Колку време поминуваш во кујната, каква храна најчесто готвиш?

– Сакам да готвам, но ретко имам време за тоа. Во принцип сакам сурова храна, многу зеленчук и овошје што не треба да се готви или, пак, многу лесно се приготвува.

Фото: Приватна архива

Како ја одржуваш убавината, имаш ли некои посебни ритуали?

– Првенствено, ги правам сита оние основни и едноставни чекори на кои сите жени би требало да се придржуваме. Внимавам, пред сè, кога легнувам. Спиењето е клучно за нашето здравје. Пијам суплементи како колаген, ашваганда, но пијам и многу вода. Самата јога ме одржува. Негата ми се состои од многу едноставни чекори како чистење на лицето, маски и пилинг еднаш неделно и задолжително серумот од слуз од полжав.

Секогаш си убаво облечена, каков стил на облекување имаш и дали си љубител на трендовите?

– Ви благодарам, не внимавам премногу, но сепак, ќе признаам дека можеби имам некоја естетика и за тие работи. Ќе ја обвинам двојната Венера, во која се наоѓаат моите два астролошки знака, Вага со подзнак Бик. Не следам трендови и немам време за тоа, стилот ми е едноставен и носам само што е функционално и едноставно, само она во што се чувствувам удобно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот