Првата петорка на светот од раѓање до 18-та година живееле во кошмар: Докторот и државата ги „киднапирале“ од родителите

Сестрите Дион / Фото: Picryl

Во минатото, пред да напредува модерната медицина, дури и близнаците кои преживеале раѓање се сметале за ретки, а тројките биле вистинско чудо! Затоа и не е чудно што светска сензација се случила на 28 мај 1934 година кога една жена во Канада родила пет девојчиња живи и потполно здрави!

Првите петорки за кои се знае дека го преживеале раѓањето и најраното детство се родени во близина на селото Корбеј, недалеку од Северниот залив во Онтарио, Канада.

Анет, Сесил, Ивон, Мари и Емили Дион се родени два месеци порано и повеќето стравувале дека, бидејќи се толку мали, нема да преживеат, пишува „Историски забавник“.

Меѓутоа, на свет ги донел д-р Алан Рој Дафо, кој организирал други родилки да донираат млеко за да ги прехранат петорките, а се вклучиле и сестрите од канадскиот Црвен крст и – сите пет девојчиња преживеале. Бебињата преку ноќ станале ѕвезди… и тоа била најлошата работа што можела да им се случи!

Најголемата „туристичка атракција“ во Канада

Семејството Дион било сиромашно. Таткото и мајката биле работници и едвај врзувале крај со крај. Доволно било Владата на Канада да процени дека девојчињата „немаат услови“ за правилен раст и квалитетен живот и им го одземале старателството на родителите, доделувајќи му го токму на д-р Дафо, пишува порталот „Винтиџ њус”.

И покрај тоа што бебињата биле сосема здрави и добро негувани, на само четири месеци биле сместени во специјално изградена болница. Оваа институција, на прв поглед, изгледала како секоја друга болница, но имала и некои „контроверзни делови“ – просториите кои биле отворени за туристи, личеле на забавен парк и во кои посетителите можеле да ја „набљудуваат“ петорката во игра или во некои други секојдневни активности.

Девојчињата биле научени прво да кажат „доктор“, а не „мамо“

Местото набрзо станало познато како „Квинтленд“, а девојчињата биле најголемата туристичка атракција во земјата. Биле под постојан надзор, грижа за нив водела армија медицински сестри и лекари кои спроведувале бројни научни истражувања. Ретко гледале некој што не бил член на медицинската екипа. Според сведочењето на оние коишто се грижеле за нив, девојчињата научиле да велат „доктор“ наместо „мамо“.

Секој момент од денот на петорката бил внимателно испланиран. Тие се појавувале пред посетителите трипати на ден, а бидејќи јавноста била многу заинтересирана за нив, набрзо во продажба се нашле и „сувенири“, од кои секако најпопуларни беа куклите направени по моделот на Анет, Сесил, Ивон, Мари и Емили.

Во периодот од 1934 до 1943 година „Квинтленд“ го посетиле повеќе од три милиони луѓе, а сè се одвивало со одобрение на канадските власти. Девојчињата се појавиле и во три холивудски филмови кои во суштина биле измислени приказни за нивните животи, а во 1939 година ѝ биле претставени и на идната британска кралица Елизабета Втора.

Се верува дека владата и локалните претприемачи благодарение на овој „бизнис“ оствариле профит од речиси половина милијарда долари. Сестрите Дион, се разбира, никогаш не виделе ниту цент од овие пари.

Трагичен живот надвор од „стаклено ѕвоно“

Девојчињата биле „изложувани“ сè до својата деветта година. По грчевитата битка за старателство во ноември 1943 година, тие конечно биле вратени кај нивните родители. Сепак, ова не бил „среќниот крај“ на нивната приказна…

По првичната траума од враќањето кај татко им и мајка им, кои за нив биле потполни странци, сестрите повторно се нашле во „шоубизнисот“. Овој пат, оние што ги форсирале (и од нив заработувале) биле нивните родители. Сестрите биле носени на турнеи, јавно прикажувани на насобраната толпа народ, сè за да заработат уште повеќе пари. Воопшто немале пријатели, се школувале дома и воопшто – мошне малку знаеле за светот надвор од „стаклено ѕвоно“ во кое живееле. Во подоцнежните интервјуа ги обвиниле родителите за вербално и физичко малтретирање.

– Парите се чудовиште, а толку многу луѓе околу нас, за жал, им подлегнаа – раскажала подоцна една од нив.

Сестрите Дион / Фото: Picryl

Тие живееле со семејството до својата 18-та година, а потоа ги прекинале сите контакти со нив и со доктор Дафо. Наспроти светлата на сцената под кои пораснале сестрите Дион, тие подоцна воделе тивки и повлечени животи. Три од нив се омажиле и добиле деца. Едната станала калуѓерка.

Владата на Онтарио формално им се извинила на сестрите за експлоатацијата што ја преживеале како деца. Во март 1998 година добиле 4 милиони како отштета за деветте години поминати во „Квинтленд“.

Емили починала во 1954 година како последица на мозочен удар. Мери починала во 1970 година поради згрутчување на крвта. Останатите три сестри живееле заедно додека едната од нив – Ивон – не починала во 2001 година.

Денес се живи само две сестри – Анет и Сесил.

За нивниот живот беа снимени неколку документарни филмови и се напишани три книги кои послужија како инспирација за неколку серии и филмови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот