Пациенти со карцином не можат да се лекуваат, зашто долго чекаат резулати од биопсија

клинички центар слободен печат/фото слободан ѓуриќ

Пациенти со карцином во напредна фаза се принудени да чекаат резултати од направена биопсија кои не се готови и по месец дена, дознава „Слободен печат“ од членови на нивните семејства кои се во безизлезна состојба.

Сестра ми има карцином на дојка, трет стадиум. Операција ѝ беше направена на први април. Резултатите од биопсијата според кажувањата на службеник се готови уште на 18 април, но тие не се авторизирани. Така, ние немаме увид дали болеста прогресирала или со Божја волја е подобрена ситуацијата. Проблемот е на патологија. Според тоа што го читам во коментарите од групите за борба против карцином, сестра ми не е единствената, изјави за „Слободен печат“ сестрата на пациентката Јасмина Е.

Таа додава дека има случаи каде резултат од патологија се чека со месеци.

За тоа време веројатноста дека некој ќе ја загуби битката е реално голема. Клиниката треба да издаде резултати, а тие ние дознавме дека се готови уште од четвртокот затоа што разговаравме со службеникот на шалтер. Меѓутоа, како што кажа тој, се чекало авторизација и ќе сме ги добиеле во понедленик што е апсурдно за еден потпис да се чека дури пет дена. Истиот тој службеник по повторна проверка ни кажа дека вчера ќе биле готови резултатите. Наводно ќе биле испратени по службена должност на Клиниката за торакална хирургија што не се случи. Денес повторно резултатите се недостапни. Се работи за млад пациент од само 32 години со дијагноза карцином. Дали треба да го загуби животот исчекувајќи резултати за понатамошна терапија, прашува сестрата на пациентката.

Пациентите и нивните семејства се во безизлез и немаат како да влијаат на неажурноста и спорото темпо со кое добиваат здравствени услуги за животозагрозувачки дијагнози. Наместо да се фокусираат на прифаќањето на животот со карциномот како и да се борат со секојдневните предизвици што оваа дијагноза ги носи, тие се во страв затоа што времето поминува а не добиваат резултати за да можат да почнат терапија и лекување.

И во групата на Фејсбук насловена „Канцер победници“ има поплаки од пациентите за тоа дека резулатите од патологија доцнат.

Дали има членки што правеле биопсија на матка на Државна клиника и за колку време им стигнале резулатите, затоа што веќе месец дена нема резултати а имам карцином, пишува една пациентка. 

Пациентите кои се обратија во нашата редакција и нивните семејства апелираат државните здравствени установи да имаат слух за итноста на нивната здравствена состојба. Велат дека живеат во страв затоа што додека чекаат резултати, воопшто не примаат терапија, а времето поминува.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот