Националното биро за осигурување го поскапе осигурувањето за регистрација на возилата, институциите ја стопираат одлуката

Осигурителните компании решија да ја зголемат цената на регистрацијата на моторните возила. Според информациите до кои дојде ТВ 24, станува збор за давачката кјоја граѓаните ја плаќаат за задолжителното осигурување на возилото при регистрација.

Парите кои граѓаните ги плаќаат по тој основ се делат на два дела за техничка премија, односно за исплата на штети, и режиски додаок, односно пари за плати на осигурителните компании, сметки, и останато тековно работење. Спорното е тоа што осигурителните компании решеле да го зголемат фондот токму за режиските трошоци и тоа од 30 на 50 отсто и со тоа крајната цена на осигурениците да се зголеми за 15 отсто. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека не се согласуваат со новиот ценовник на осигурителните комапнии и додаваат дека тој е неоправдан.

Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании. АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.“ - велат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Според неофицијални информации до кои стаса ТВ 24 од министерството за финансии на осигурителните компании им дале рок до понеделник да го вратат стариот ценовник, воп спротивни финансии ќе го стори тоа. Денеска во Министерството за финансии се одржа седница на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, која е составена од претставници на државни институции. Официјално, решено било во понеделник да се разгледува оправданоста на оваа одлука на осигурителните компании.

„Во понеделник на нова седница ќе се разгледа Извештај од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании и да се преземат соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.“ - велат од Министерство за финансии.

Во 2023 година осигурителните компании по основ на задолжително авромобилско осигурување заработуваат околу 65 милиони евра.

Според проценките околу 650 илјади моторни возила има во Македонија. Оние кои што подлежат на регистрација се околу 450 возила, останатите се мали возила како мопеди или автомобили кои не треба да се регистрираат.