Стериино позорје – повторно драмски предизвик за Народен театар - Битола

Во годината на јубилејот, 80 години од формирањето на првиот македонски театар (Битола, 14 ноември 1944-та година, ден кога прв пат од театарската сцена одекна слободниот македонски збор), битолскиот театар по повеќе од три децении, повторно ќе се натпреварува на фестивалот Стериино позорје.

Премиерното учество на ансамблот на НУ Народен театар-Битола на престижната сцена во Нови Сад датира од април 1977 година кога битолчани настапија со претставата „Свадбата на Мара“ на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски, потоа во 1978 година ја изведоа претставата „Време за пеење“ на Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски, во 1987 година ја одиграа „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен и последен пат учествуваа во 1991 година со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски. Годинава од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад ансамблот на битолскиот театар ќе гостува со претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ.a