CEA и Renault Group развиле високо ефикасен вграден полнач со функција за двонасочно полнење што ќе ги намали загубите на енергија за 30% и ќе го забрза полнењето на батериите на автомобилите. Системот за двонасочно полнење ќе овозможи електричната мрежа да се снабдува со енергија од поврзаните возила

Што ако автомобилите станат основа на електричната мрежа? Токму на оваа претпоставка почива принципот на поврзување на возилата и мрежата, односно технологијата за двонасочно полнење што наскоро ќе им овозможи на возилата на Renault да користат дел од електричната енергија складирана во нивните батерии и на тој начин да ја оптимизираат работата на електричната мрежа, како и да осигураат решение за прекините во снабдувањето со обновлива енергија.

CEA, како водечка истражувачка организација, и Renault Group, како пионер и експерт во областа на електричните возила, веќе соработуваат на развој на системи од новата генерација за поврзување возила со мрежата, кои треба да бидат во употреба до крајот на деценијата. За таа цел тие заеднички развиле нова архитектура на електронски конвертор кој ќе се вградува директно во полначите на возилата. По речиси три години истражување и 11 заеднички поднесени патенти, создаден е уште покомпактен конвертор! Развиен со помош на иновативни материјали, овој конвертор треба да ги намали загубите на енергија за 30% и да го скрати времето на полнење на батеријата и да ја направи поиздржлива. Тој ќе се базира на двонасочен систем за полнење.

Иновативни материјали

Тимовите за истражување и развој на CEA и Renault Group го комбинирале своето знаење во областа на вградената енергетска електроника, особено широкопојасните полупроводнички материјали произведени од галиум нитрид (GaN) или силициум карбид (SiC). Резултатот е нова архитектура базирана на широкопојасни полупроводнички материјали која ги намалува загубите на енергија при конверзија за дури 30%. Со цел да се оптимизира ладењето на системот за конверзија на енергијата, новата архитектура го намалува и интензитетот на загревањето за истиот процент.

Намалување на капацитетот на полначот

Дополнително, работата на инженерите за оптимизација на активни (полупроводници) и пасивни (кондензатори и индуктивни компоненти со навој) компоненти резултирал со намалување на капацитетот на полначот и поврзаните трошоци. Благодарение на феритните материјали кои се користат за високи фреквенции и таканаречениот „Electric Injection Molding“ процес, конверторот станува уште покомпактен.

Подобри перформанси

Новата архитектура на конверторот овозможува полнење со моќност до 22 kW во трифазен режим, а во исто време го скратува времето на полнење на батеријата и обезбедува нејзина трајност. Овозможува и двонасочно полнење, што значи дека енергијата складирана во батеријата може да се користи за снабдување на електричната мрежа или индивидуално домаќинство, под услов да е опремена со уред за мерење на двонасочен проток на енергија. Ова е решение во согласност со стандардот за електромагнетна компатибилност за мрежи и возила.