27 Април, 2024
0.0262

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Објавено во: Колумни 28 Март, 2024

Добивај вести на Viber

Прашањата кои се отворија со стапување во сила на Законот за измена и дополнување на Законот за облигациони односи во делот на застарување на побарувањата во континуитет ја брануваат јавноста, особено стручната фела од областа на правото, веќе неколку месеци наназад. За ваквата состојба придонесе и Уставниот суд кој по поднесените иницијативи за оценка на уставноста на донесените измени, не собра сили да ја согледа целата ситуација имајќи ги во предвид сите аспекти на правната сигурност и заштита на правната држава, поради што останаа во сила законските одредби кои очигледно се во спротивност со уставното начело за владеење на правотокое е дефинирано како темелна вредност на Уставот (член 8 став 1 алинеја 3). Она на што многумина предупредуваа, вклучително и јас како дел од фелата на адвокатите, дека стремежот на секоја правна држава е во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени законски и други правни норми, за жал, не доби соодветен институционален третман. 

Затоа, се случуваат последиците кои најмногу ги погодуваат но и ги чувствуваат граѓаните што секојдневно доаѓаат во допир со примената на измените на Законот заоблигацини односи. Без оглед дали се на страната на доверителите, или се на страната на должниците. Имено, во случај кога правните норми во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, на друг закон или пропис, тие норми неминовно мора да претставуваат една логична, правно-функционална целина, меѓусебно усогласени и применливи на еднаков начин за сите. Во таа смисла, очигледно е дека измените на Законот за облигациони односи се спротивни на други одредби од истиот закон како и со одредби од Законот за извршување, што при обидот за практична примена создава неможност од постапување. 

Од тука, имаме состојба во која, од една страна се извршителите кои се под страшен притисок да го применуваат законот иако нема претпоставки за тоа, од друга страна се судовите кои треба да постапуваат по правни средства (жалби) против одлуките на извршителите во состојба кога има очигледна правна недореченост на законското решение и од трета страна е Министерството за правда кое е под притисок да ги “дисциплинира” извршителите. Никој, всушност, не сака да го види вистинскиот проблем. Тој проблем е во НЕПРИМЕНЛИВОСТА на Законот за измена и дополнување на Законот за облигациони односи, особено на член 2 од овој закон. Зошто законот е неприменлив?

Најпрвин, членот 2 од измените со кој се менува член членот 368 од Законот заоблигациони односи е во директна колизија со член 381 од истиот закон, бидејќи двете одредбирегулираат прекин на застареност на правосилна извршна исправа, но на различен начин и со различни рокови за прекин, од кој едниот, член 381 од ЗОО е во согласност со член 93 од Законот за извршување, додека изменетиот член 368 став 3 е неприменлив и не е во согласност со член 93 од Законот за извршување, кој е специјален закон што ја регулира постапката за извршување. 

Со оглед дека во членот 381 став 3, став 4 и став 5 од ЗОО кој е во сила и не е изменет се предвидува дека доколу навремено се поднесе тужба, стечајна пријава или барање за извршување тогаш парничната, стечајната или извршната постапка не може да се ограничат со рокови на траење, и истите траат се до завршување на предметот. Тоа е сосема спротивно со изменетиот член 368 став 3 од ЗОО, поради што, се создава правна несигурсност во правниот промет, но исто така се создава и правен релативизам при примената на ЗОО во целина. Или, поточно, материјалното право (Законот за облигациони односи) може да важи и да се применува различно во услови на иста правна и фактичка ситуација поради примена на различни правни норми од истиот закон (член 381 или член 368 од ЗОО).

Од друга страна, во Законот за извршување нема предвидно одредба со кои предметот би бил завршен или окончан на некој друг начин по основ на рок на траење на постапката за извршување од моментот на поднесување на барањето за извршување, ниту може да се определи таков рок како што е предвидено во изменетиот член 368 став 3 од ЗОО.Таков рок за водење и за застарување на постапката за извршување не може да се определи затоа што предмет на извршување неретко се права за кои не постои рок на застареност (како на пример правото на сопственост, правото на издршкаи слично).Затоа, во член 381 од ЗОО нема предвидено рок на траење на постапката за извршување доколку навремено е поднесено барањето за извршување и постапката трае се до целосно завршување или окончување на предметот. Тој рок, секако, може да биде и подолг од 10 години. За разлика од членот 381, изменетиот член 368 став 3 од ЗОО исто така го регулира прекинот на застареност на правосилна извршна исправа, но спротивно на Законот за извршување, утврдува рок на траење на извршната постапка и тој рок го определува на период од 10 години по поднесување на барањето за извршување. Во овој рок, предметот може да не биде ниту завршен ниту окончан, што е во спротивност со одредбата од член 381 на ЗОО и член 93 од Законот заизвршување. Ете затоа, примената на измените и дополнувањата на Законот за облигациони односи е практично невозможна, како од страна на извршителите, така и од страна на судовите и другите органи кои го применуваат овој закон во праксата на своето работење. 

Згора на тоа, решението што го содржат измените и дополнувањата на Законот за облигациони односи за наплата на побарувањето по поведена извршна постапка не само што е контрадикторно самото со себе, туку е непознато во законодавствата на земјите од ЕУ, но и пошироко. Ниту една земја во светски рамки нема вакво решение. Напротив, во сите овие земји содржано е решение какво што претходно постоеше во Законот за облигациони односи до измените. Тоа значи дека во компаративната правна регулатива ваква законска одредба не постои, поради што нашата држава со овој закон доведена е во ситуација да биде единствен и уникатен пример во регионот и пошироко, во светот. 

Во врска со ова прашање, зачудува како не само поединци што не сеправници, туку и истакнати правници зборуваат за застареност како апсолутна категорија. Мора да се знае дека во граѓанското право, во контекст на примена на член 368 или член 381 од ЗОО,речиси и да нема застареност во апсолутна смисла. Застареноста која постои насекаде во Европа и Светотпри реализација на побарувања меѓу учесниците во правниот промет речиси секогаш е релативна и се состои во одреден рок во кој може да се поведе постапка за утврдување на побарувањето. Доколку побарувањето биде утврдено со судска одлука, тогаш рокот за поднесување на присилно извршување на извршната исправа е најчесто десет години од правосилноста и извршноста на исправата (кај нас и тој рок со измените е скратен на пет години). И тоа е рокот што постои во сите законодавства. Уникатен пример, како нашиов воведен преку измените на ЗОО, не постои никаде. Зошто? Затоа што, најпрвин, не може со материјален закон (Законот заоблигациони односи) да се регулира процесна материја како што е траење на постапка за извршување која има свој lex specialisво Законот заизвршување со субсидијарна примена на Законот запарничната постапка во случај кога некое прашање не е регулирано со Законот заизвршување. Никаде во Законот за извршување ниту има, ниту може да има, во однос на било кое прашање што ја засега постапката, вклучително и во однос на времетраењето, упатување на Законот за облигациони односи. Од едноставна причина што се работи за две сосема различни области од правото, материјално право (Закон за облигацини односи) и процесно право (Законот за извршување и Законот за парничната постапка).

Но, да се вратиме на изнесените тези за апсолутен рок на застареност во граѓанското право. Освен преклузивните рокови кои се прецизно утврдени со одредбите на ЗОО, апсолутен рок на застареност во нашето, но и во граѓанското право на земјите од ЕУ и пошироко, во однос на реализација на утврдено побарување како право, воопшто не постои, бидејќи судот или друг надлежен орган на застареноста не внимава по службена должност, туку само по приговор (член 349 став 3 од ЗОО “ако должникот не се повика, судот не може да ја земе во предвид застареноста”). Значи, без приговор од должникот, дури и ако се работи за застарено побарување, доверителот може, и врз основа на такво побарување, да се стекне со извршна исправа и истата да ја реализира. Се разбира, доколку должникот не се повика на застареноста. Спротивно на тезите за апсолутниот рок на застареност, бидејќи кај апсолутниот рок на застареност судот или друг надлежен орган не би можел да постапува доколку се работи за застарено побарување. Поточно, би внимавал на рокот на застареност по службена должност.

Според тоа, измените и дополнувањата на Законот за облигациони односи се премногу сериозен зафат и тој не смее да се носи кампањски, без сериозна дебата на сите нивоа од стручната фела во областа на правото. Затоа што, едноставно, се работи за закон кој е системски и општ, регулира многу значајна материја од секојдневното живеење на луѓето и претставува темел на облигационо-правните (договорни) односи меѓу учесниците во правниот промет-физички и правни лица. Секое нестручно зафаќање во законот (како што е ова со донесените измени и дополнувања на Законот зa облигациони односи од месец јули 2023 година) може да предизвика сериозна хаварија во правниот систем на државата со последици не само по правната држава, туку и во економијата, банкарството, финансискиот систем, претприемништвото, бизнис климата, странските инвестиции, но сепак, со реално најголема опасност да го загрози владеењето на правото и правната сигурност како темелни вредности на уставниот поредок. Затоа, повторно на потег е Уставниот суд, бидејќи токму тој е повикан да ги заштити уставно утврдените темелни вредности. Да се надеваме дека овојпат тоа и ќе го стори.

Љупчо Кузмановски, адвокат

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД