Најновите податоци од истражувањето од 2019 година спроведени од „Уницеф“ покажуваат дека 24 отсто од мајките во Србија ги дојат своите бебиња во првите шест месеци.

Гордана Племиќ од Здружението на родители во Србија кажува нешто повеќе за овој податок.

„Кога велиме 24 проценти, мислиме на ексклузивно доење, тоа е доење до шест месеци кога бебето добива исклучиво мајчино млеко, без никакви други додатоци, значи тој податок се однесува на тој вид доење. Сите други ситуации во кои бебето добива дополнителна храна и вода не се нарекуваат ексклузивно доење. Кога зборуваме дали е тоа мал или голем процент, треба да се спомене дека во Скандинавија тој процент е над 90 отсто“, објаснува Племиќ и вели дека причина за ваквата диспропорција е немањето поддршка за доење во Србија.

„Потребна е поддршка за самото воспоставување на доењето по напуштање на породилиштето, но и доволно информации што треба да ги добие трудницата за да може да го воспостави доењето воопшто, а потоа и да го дои бебето. Немањето поддршка, од здравствениот систем, од заедницата, од семејството, доведува до тоа мајката во еден момент, пред шестиот месец, да престане да го дои своето бебе“, вели Гордана Племиќ.

Што треба да знае секоја мајка?

Консултантката за доење Ивана Радиќ вели дека она што треба да го знае секоја мајка, особено мајките кои се прв пат бремени, е дека има поддршка и дека таа поддршка, ако зборуваме за нивното здружување, ја има на едукативните работилници што се одржуваат во форма на онлајн состаноци, а таквите се достапни и за бремените жени надвор од Белград.

„Ние, исто така, организираме собири каде што мајките можат да дојдат со своите бебиња и да ги проверат сите сомнежи што ги имаат во тој момент“.

Консултантот за лактација вели дека постојат многу сомнежи кога станува збор за доењето, а еден од најголемите е дали мајката има млеко, како да знае дали бебето доволно цицало и слично…

Таа истакнува дека секоја мајка има млеко и дека многу малку жени не можат да дојат од медицински причини. Нагласува дека при породувањето, телото на жената се подготвува за многу работи, вклучувајќи го и доењето, а млекото почнува да се произведува веќе во 16. недела од бременоста. Ивана Радиќ го потенцира првиот златен час по породувањето, кога треба да се случи првото хранење, што е исклучително значајно и за мајката и за бебето. Таа потсетува дека доењето не е само храна, туку многу повеќе од тоа.

„Пожелно е во првите шест месеци мајката исклучиво да го дои своето бебе, по шест месеци да се почне со воведување немлечна исхрана, но и да се продолжи со доењето. На прашањето дали да се дава вода исклучиво на доените бебиња, одговорот е негативен бидејќи мајчиното млеко веќе содржи вода“, изјавила таа.

Оваа година кампањата се одржува под слоганот „Да го овозможиме доењето, да направиме разлика за вработените мајки“ – всушност, се работи за глобалното прашање во однос на времето за враќање на жените на работа, кое некако се скратува.

„Дури и кај нас имаме ситуации кога мајките се враќаат на работа четвртиот или петтиот месец по породувањето од различни причини, затоа што се загрижени за своето работно место, бидејќи по породилното отсуство остануваат без работа, се враќаат на пониска работна позиција и слично, па кога велиме враќање на работа секогаш тоа како да доаѓа со знак на еднаквост, дека жената треба да престане да дои“, објаснува Племиќ.

„А дури и кога ќе се вратат на работа по една година, мајките веќе во десеттиот месец нè контактираат со прашањето како да го прекинат доењето, затоа што мораат да се вратат на работа. Затоа е важно да се подигне свеста за тоа, свеста кај работодавците, свеста на заедницата и свеста на мајките дека враќањето на работа не мора да значи и прекин на доењето. Треба да видиме кои се можностите што можат да доведат до тоа мајката да добие поддршка да дои кога ќе се врати на работа“, заклучува Племиќ.

Извор



912

X