Секоја голема промена кај децата може да биде проблематична, а педијатрите велат дека децата емотивно се врзуваат за пелените, што ја отежнува работата уште повеќе. Оваа мајка, чии совети ќе ги прочитате во продолжение, тврди дека за само пет дена и без ничија помош успеала да го одвикне синот од пелени.

Љубопитни сте како го направила тоа? Еве ги нејзините совети.

Првите денови

За почеток, ставете го детето на нокшир веднаш по будењето и по враќањето дома од градинка, а и неколку пати во текот на денот ставајте го на нокшир на секои 15 минути. Оставете го детето да си игра, да јаде, да гледа цртани, сè нека биде како и обично, само ставајте го на нокшир на секои 15 минути, а кога ќе заврши, ставете му ја пелената повторно и продолжете со секојдневните обврски. Во текот на третиот ден отстранете ја пелената и продолжете да го ставате детето на нокшир што е можно почесто, но без да ја враќате пелената.

Ако излезете некаде, обидете се да го земете нокширот со себе и одете на места каде што има тоалет. Не заборавајте а земемте резервна долна облека. Многу е важно во моментот кога целосно ќе ги извадите пелените, да не ги ставате повторно во текот на денот.

Соблечете му ја облеката на детето

Кога сте дома, оставете го детето да се шета голо, ако е доволно топло во станот, или нека носи само памучна маичка. Ако детето нема пелена или гаќи, нема каде да врши нужда, па само ќе праша каде да ја изврши. Во овој случај, внимавајте нокширот секогаш да биде во близина на детето. Ако детето врши нужда во нокширот, задолжително покажете му, речете „бљак“ и потоа заедно истурете сè во тоалетната школка и пуштете вода.

Наградете го детето и бидете креативни

Наградите се многу важни кога станува збор за одвикнувањето. Изберете ситници на кои вашето дете навистина се радува. Тоа може да бидат шарени налепници, „тетоважа“ на раката или омилената бонбона. Однесете го вашето дете во продавница и купете му играчка како награда за тоа што целиот ден поминал во вежбање за користење на нокширот.

Во моментот кога вашето дете ќе седне на нокшир, навивајте, ракоплескајте, насмевнете се и прегрнете го детето.

Разговарајте со воспитувачите во градинка

И покрај тоа што воспитувачите во градинка се зафатени со многу деца и не можат да се грижат само за вашето, сепак треба да ги информирате дека одвикнувањето од пелени е во тек – и да побарате да внимаваат на знаците што ги покажува детето. Дајте им на воспитувачките награди што ќе му ги дадат на детето ако побара да седи на нокшир кога е во градинка.

Ограничете ги чаевите, соковите и млекото пред спиење

За време на одвикнувањето од пелени, не давајте му на детето да пие барем еден час пред спиење, што значи дека ќе треба да му послужите вечера малку подоцна за детето да не бара да јаде или да пие пред спиење. Запомнете дека ноќното одвикнување не треба да се комбинира со дневното одвикнување, бидејќи сето тоа може да биде премногу за вашето дете, но многу е важно детето да се разбуди суво наутро, без разлика на пелената.

Читајте приказни со оваа тема

Книги кои помагаат во процесот на одвикнување од пелени има многу. Читајте му на детето, оставете го да ги погледне сликите, менувајте го гласот додека читате и навистина потрудете се да го прикажете одвикнувањето на најзабавен можен начин.

Кога да започнете со одвикнување од пелени

Многу експерти се согласуваат дека децата помлади од 18 месеци не се ментално подготвени да се одвикнат од пелени, а за момчињата тоа е неколку месеци подоцна отколку за девојчињата.

Повеќето родители почнуваат со процесот на одвикнување кога децата се на возраст од 2-3 години, но вистината е дека нема официјално време кога треба да се започне. Можно е вашето дете да ги остави пелените само ако му објасните што се бара од него, но најважно е да не избрзувате и да не го присилувате детето да го користи нокширот ако сè уште не е подготвено.

Многу родители ги учат своите деца да го користат нокширот пред да наполнат една година, а експертите велат дека тоа е сосема погрешно. Децата на возраст под две години не можат да контролираат кога вршат нужда бидејќи мускулите кои го контролираат мочниот меур и ректумот се развиваат помеѓу 18 месеци и две години, па затоа треба да почекате додека вашето дете не покаже дека е подготвено. Ако се обидете да го одвикнете прерано, шансите за незгоди се многу поголеми, а процесот на одвикнување трае подолго.

Извор



912

X