Линкови за пристапност

Убиени Палестинци додека чекале помош во Газа, вели Министерството за здравство


Во два одвоени инцидента, загинале најмалку 29 лица, а уште 150 биле повредени додека чекале да добијат помош, според Министерството за здравство управувано од Хамас
Во два одвоени инцидента, загинале најмалку 29 лица, а уште 150 биле повредени додека чекале да добијат помош, според Министерството за здравство управувано од Хамас

Додека Палестинците чекале во ред за помош во Газа рано денес, палестинските власти рекоа дека во два израелски напада - едниот во центарот на Газа, вториот на северот - загинале десетици цивили.

Во двата одвоени инцидента, загинале најмалку 29 лица, а уште 150 биле повредени додека чекале да добијат помош, според Министерството за здравство управувано од Хамас.

Во првиот инцидент, палестинските здравствени власти соопштија дека осум лица биле убиени во воздушен напад врз центар за дистрибуција на помош во кампот Ал-Нусеират во централна Газа.

Во вториот инцидент, најмалку 21 лице загинало, а повеќе од 150 биле повредени од израелски напад врз толпата што чекале камиони со помош во северниот дел на Газа, соопшти Министерството за здравство.

Израелската војска соопшти дека ги разгледува двата инцидента.

Инцидентите се случуваат два дена откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Израел мора да ја направи безбедноста на палестинските цивили прв приоритет во водењето на војната против Хамас во Газа.

Во четвртокот, милитантната група Хамас соопшти дека на посредниците им ја претставила визијата за договор за примирје што ќе се заснова на запирање на израелската воена операција во Газа, меѓу другите мерки.

Истиот ден, израелската војска објави дека извршила копнени операции и воздушни напади во централните и јужните делови на појасот Газа.

Израел ја започна својата воена кампања за уништување на Хамас откако борците на Хамас преминаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и киднапирајќи околу 250 како заложници.

Во средата Блинкен потврди дека Израел мора да даде приоритет на безбедноста на цивилите во Газа.

Тој, исто така, се состана преку видеоконференција со министрите од Кипар, Обединетото Кралство, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Европската Унија и Обединетите нации, за да разговараат за нов поморски коридор за помош во Газа.

Вчера, шефот за надворешна политика на Европската Унија Жозеп Борел, рече дека Вашингтон треба да изврши поголем притисок врз израелската влада да ја олесни помошта за Газа.

„Секако очекуваме американската влада да продолжи да врши притисок, да врши поголем притисок врз Израел да ја отвори границата и да не го попречува хуманитарниот пристап“, им рече Борел на новинарите за време на неговата посета на Вашингтон.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG