ВИДЕО | Андоновиќ: Израел го нападна Иран – промислена порака, одмазда, или предупредување?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Израел ноќеска му возврати на Иран. Цел на израелските удари беше иранска провинција Исфахан, каде иранските државни медиуми јавуваат дека се слушнале експлозии.

Нападнати се цели во близина на градот Исфахан, каде што наводно се наоѓаат иранските нуклеарни постројки.

Израел со денови го одмеруваше својот одговор на ракетните напади од Иран за време на викендот, кои беа извршени како одмазда за израелскиот напад врз конзулатски комплекс во Сирија на почетокот од овој месец.

Самиот Нетанјаху најавуваше дека Израел нема да му остане должен на Иран и дека откако беше нападнат со 300 дронови од Иран, многу брзо ќе му биде возвратено, потенцирајќи дека нападите ќе бидат насочени целно и нема да предизвикаат некакви регионални импликации.

Со таргетирање на иранската провинција Исфахан, каде што се наоѓаат значајни нуклеарни постројки, Израел наверојатно сака да упати порака дека лесно може да ја совлада противвоздушната одбрана на Иран, сметаат воените експерти.

Од друга страна се зголеми и тензијата во регионот особено што Израел сега повторно се соочува со опасност во случај Иран да одлучи да одговори со уште една демонстрација на сила“, односно да го нападне повторно Израел.

Во првичните реакции од израелскиот напад, иранските власти соопштија дека противвоздушната одбрана соборила три беспилотни летала, и дека засега нема штети од нападот

Иран нема планови за итна одмазда против Израел, изјави за Ројтерс висок ирански функционер.

„Странскиот извор на инцидентот не е потврден. Не добивме никаков надворешен напад, а дискусијата е повеќе наклонета кон инфилтрација отколку напад“, ја пренесува изјавата Ројтерс на иранските претставници

Бидејќи Израел вообичаено не ги потврдува или негира нападите зад кои очигледно стои, нападот утринава очигледно беше одговор на иранскиот напад минатата сабота, кога над 200 беспилотни летала и крстаречки и балистички ракети беа лансирани на израелска територија. Повеќето не стигнаа ни на израелска почва бидејќи беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана со помош на воздухопловните сили на САД и Велика Британија.

Се очекуваше одмазднички напад врз Иран, прашање беше само во кој опсег и со каква сила ќе се изврши. Според информациите од Иран, нападот бил ограничен и немало жртви.

После овој напад светските експерти не очекуваат дополнителна ескалација, но стравуваат дека Иран ќе ја забрза работата на подбивање на нуклеарното оружје. Иако официјално сè уште нема, сепак многумина сметаат дека е прашање на денови кога Иран ќе се стегне со атомско оружје.

Тогаш, според многумина, евентуалните закани на Иран ќе станат нуклеарна опасност за Израел и Блискиот исток.

Особено што и Израел има нуклеарен арсенал, што само укажува во што може во иднина да прерасне израелско-иранскиот конфликт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот