Засилено темпо на одлив на кадар од земјава: Унијата на медицински сестри очекува од идната влада подобрување на условите

Наплив од медицински сестри кои бараат потврди за да си ги комплетираат документите за да работат во странство. Од Унијата на медицински сестри велат дека регистрираат засилено темпо на одлив на сестри, особено по ковид пандемијата. 

Во само еден месец се случувало 40 сестри да заминат од државните болници. Најголем дел од нив за да работат во странство, дел во приватните болници, а некои ја напуштаат професијата заради ниските плати и условите за работа. 

„Имаме многу голем одлив, но проблемот е што не заминуваат само во странство, туку и од професијата, затоа подобрите услови и платите се нешто на што треба веднаш да се реагира за да не бидеме нација која што ќе остане без медицински сестри.“ - вели Гордана Бешлиоска – Унија Здружение на медицински сестри „За нас“.

Унијата на медицински сестри очекува од идната Влада да обрне особено внимание на подобрувањето на условите за овој кадар. Законот за сестринска дејност со кој ќе се регулира статусот и образованието на овој кадар, како и формирање на комора, според Унијата треба да биде меѓу приоритетите на идните власти.  

„Искрено се надевам дека ќе се најдеме во идните здравствени структури и ќе бидеме имплементираме во здравствените политики и ќе учествуваме во донесувањето на истите.“ - веи Бешлиоска.

Денеска традиционално по 7ми пат се одржа Свечена Академија во чест на Меѓународната недела на сестринската професија, на која беа доделени признанија за најхумана медицинска сестра за изминатата година, а се одржа и донациски базар за медицинските сестри кои се лекуваат од малигни заболувања - „Сестрите за сестрите“.