39-та седница на кавадаречкиот совет: Усвоен кварталниот извештај за минатогодишниот буџет
22-02-2024 РЕГИОН

Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од 01.01.2023-31.12.2023 година е во износ од 31.334.875 денари во однос на планираните 1.235.593.000 денари или изразено во проценти 83,47 %. – ова го покажуваат податоците од образложението на кварталниот извештај за последниот квартал од минатата година кој го разгледуваа советниците денеска во рамки на 39-та седница. Опозицијата во советот констатира слабо извршување на капитални расходи, додека власта го пофали финансиското работење минатата година на општина Кавадарци.

 

„Многу низок процент на капитални расходи. Паѓаат во вода сите пофалби искажани претходно. Обврските на општината се над 40 милиони денари, а се бележи тренд на раст“ забележа советникот од СДСМ, Павле Маневски.

И забелешката на Вуко Мелов од СДСМ е дека има слаба и лоша реализација во приходниот и расходниот дел во буџетот минатата година. „Најголемо е потфрлањето кај не даночните приходи. Тоа е затоа што јавните претрпијатија наместо добивка бележат загуба. Нема капитални проекти во 2023“ оцени во својата дискусија Мелов.

 

Претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов, искажа задоволство од реализацијата на даночните приходи. „Кавадарци се движи во прав правец. Препознатливи сме по јавната чистота каде има 83% реализација, потоа и програмата за одржување на јавно зеленило“ рече Рамов.  Советникот Филип Тасев оцени дека задоволителна е реализацијата на капиталните расходи во општинскиот буџет, посочувајќи дека централниот буџет имал само 22% капитални расходи.

 

За градоначалникот Митко Јанчев критиките од опозицијата биле очекувани, но праша зошто го коментираат кварталниот извештај кога не го гласале буџетот.

„Збунети сте од ваквиот буџет. Ваков буџет нема реализирано централната власт“ рече Јанчев и посочи дека дел од капиталните проекти од 2023 година се пренесени во оваа година. Им порачаа на советниците од опозицијата да не воделе грижа за досепеаните долгови, бидејќи општината имала план и работела домаќински.

 

„Незнам како не може да ги видите работите како реално се движат во општина Кавадарци. Нема утка во делот на развојот. Се што ветивме во кампања е 90% отпочнато да се реализира, а над 70% е завршено“ истакна Јанчев.

 

Советникот Петар Николов од ВМРО-ДПМНЕ во својата дискусија искажа задоволство од реализацијата на буџетот во 4-от квартал од минатата година и посочи дека Кавадарци лани имаше 300% зголемен буџет споредено со минатото.

 

Во дискусиите за кварталниот извештај се разви дискусија и околу финансиите што се пренесени од централниот во општинскиот буџет.

„68% од средствата реализирани во буџетот се средства од централната власт“ рече советничката Веса Богева, а Николов и реплицираше дека тоа е законска обврска на централната власт.

Кварталниот извештај беше усвоен до 12 гласа „За“ и 7 „против“.

 

 

Пред советниците на денешната седница беше презентирана анализа за не оприходената  водата во минатиот период во која се согледани загубите на вода. Анализата е изработена од стручни лица вработени во ЈП Комуналец, согласно теренски анализи и анализи добиени од „Скада“ системот. Раководителот на водовод, Петре Камчевски истакна дека од вкупниот доток на вода од Лукар искористена е вода од 48%, а 52% завршиле во прелив. За градски чешми годишно се трошени 219.000 м3, за полевање на зелени површини 263.000 м3.

 

За опозиционите советници презентираната анализа била паушална. Советникот од Левица Круме Богевски посочи дека во анализата немало впишано податоци од дата логерот на сакада системот, а советникот Вуко Мелов смета дека анализата била паушална со цел да се затвори темата за загуби на вода.

 

Градоначалникот Митко Јанчев ги отфрли забелешките на овие советници посочувајќи дека истата е работена од стручни лица согласно релевантни податоци.

 

„Кавадарци нема да има проблем со вода за пиење во наредните 30-40 години, покажува оваа анализа. Тоа е големата слика од анализата. Имаме капацитет да се шири градот“ рече Јанчев.

 

 

На денешната седница советот го прифати извештајот за работењето на одделението за внатрешни работи Кавадарци за минатата година.  По однос на истиот градоначалникот Митко Јанчев истакна дека од состанокот со началничката на ОВР Кавадарци, бил информиран дека е зголемен бројот на вработени за разлика од претходно кога имаше помал број на униформирани полициски службеници.

 

„Се бележи и намалување на криминалитетот во Кавадарци. Со помош на сејф сити систмемот на општина Кавадарци се даде голема помош во откривањето на кривичните дела и нивните извршители“ рече Јанчев.

 

Советот разгледа и усвои повеќе одлуки кои се однесуваа на вонсудски спогодби, примање донации. Се донесе решение за формирање на комисија за селекција за избор на члено на управниот одборр  на регионалниот центар за згрижување  на бездомни миленици и ветеринарно здравство „Шепа“. Јанчев информира дека овој центар ќе започне со работа по изборите, а целосната изградба ќе заврши до 10 март.

 

Советниците едногласно, без дискусии ги усвоија извештаите за работењето на Јавните претпријатија „Јасмин“ и „Градски превоз“.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар