Нов светски рекорд во инвестициите за производство на оружје

25.04.2024 00:41
Нов светски рекорд во инвестициите за производство на оружје

Нов рекорд: вложувањата во оружје во 2023-та година во светот се зголемиле за речиси седум проценти, на вкупно 2,4 билиони долари, покажуваат податоците на стокхолмскиот Институт СИПРИ. Особено голем раст се бележи во Европа, Азија и на Блискиот исток.

Со оглед на големиот број кризи во светот не е изненадување тоа што водечките земји, кога станува збор за вооружувањето, а тоа се САД, Кина и Русија, повторно масовно ги зголемија своите воени издатоци. Не изненадува ни тоа што воената потрошувачка во Африка, на Блискиот исток, во Европа, Азија и Океанија, Северна и Јужна Америка е зголемена за првпат од 2009-та година.

Но, она што не го очекувале дури ни во Институтот за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), е дека во 2023-та година процентуално најголемо зголемување на издатоците за вооружување, и тоа за неверојатни 105 проценти, е забележано во Демократската Република Конго, земја во која веќе долго трае конфликтот на владата со разни вооружени групи.

Сјао Лијанг, научен соработник во програмата СИПРИ кој се занимава со воените трошоци и индустријата за оружје, вели: „Она што нè изненади е колкаво е зголемувањето во остатокот од светот, особено во Латинска Америка и Африка. Во Мексико и Салвадор, на пример, владите ја користеа војската за решавање на внатрешните проблеми, односно за борба против организираниот криминал и насилните банди. Слични загрижувачки трендови постојат и во Еквадор и Бразил“.

„Значи, зголемувањето само по себе не е некое претерано изненадување, но изненадувачки се неговите размери и обемот. А кога станува збор за глобалниот тренд, и ако продолжат актуелните конфликти и тензии, веројатно ќе бидеме сведоци на понатамошно зголемување во следните години“, вели Сјао Лијанг.

Русија премина на воена економија

Украина сè уште е извор на конфликти број еден, по руската инвазија. Во 2023-та година воената потрошувачка на Русија во однос на нејзиниот бруто домашен производ (БДП) достигна највисоко ниво уште од распадот на Советскиот сојуз: 5,9 проценти, како што пресметал Сјао Лијанг. Истовремено, во Украина таа изнесувала 37 проценти од БДП. Според истражувачот на СИПРИ, војната претставува многу поголем притисок за Украина, отколку за Русија. Според бројките тоа е нерамноправна битка, но Украина успеа да го надмине тоа благодарение на поддршката од Западот.

„Сите членки на НАТО, освен три од нив, ја зголемија својата потрошувачка. Освен тоа, единаесет од триесет и една членка на Алијансата, ја достигнале или надминале целта за одбрана да се издвојуваат два проценти од БДП. Тоа е најмногу од крајот на Студената војна. Проценуваме дека, дури и со влезот на Финска и Шведска во НАТО, уште повеќе земји ќе ја постигнат оваа цел и дека вкупната потрошувачка на земјите од НАТО ќе продолжи да расте“, вели истражувачот на СИПРИ.

Кина се вооружува - реагираат Тајван, Јапонија и Индија

Гледајќи ја статистиката на СИПРИ, веднаш е видливо кој конфликт тлее веќе подолго време и предизвика воената потрошувачка нагло да се зголеми во 2023-та година. Станува збор за конфликтот помеѓу Кина и Тајван. Минатата година Кина потроши уште шест проценти повеќе отколку претходната година. Пекинг вложи 296 милијарди долари во војската, што е половина од издатоците за таа цел во целиот регион на Азија и Океанија.

Како одговор на тоа, својата потрошувачка ја зголемија и Јапонија (за 11 проценти односно 50,2 милијарди долари) и Тајван (16,6 милијарди долари). Кина користи голем дел од својот сè поголем воен буџет за да ја зголеми борбената готовност на нејзината армија, вели Сјао Лијанг.

„Потрошувачката на Кина континуирано расте веќе 29 години по ред, што е најдолга низа на која било земја. Тоа главно се случува паралелно со економскиот раст на оваа земја и без оглед на геополитичките тензии или глобалната криза како што се војната во Украина или пандемијата со ковид. Воедно, воената модернизација на Кина доведува земјите како Јапонија, Тајван и Индија исто така да ја зголемуваат својата потрошувачка“, вели Сјао Лијанг.

„Воената безбедност повторно е приоритет“

Уште еден значаен податок во извештајот на СИПРИ е тоа што во Јужен Судан, земја погодена од внатрешно насилство и граѓанска војна, воената потрошувачка во 2023-та година во однос на претходната година се зголемила за 78 проценти. Во Европа најголем раст забележала Полска: 75 проценти, односно вкупно 31,6 милијарди долари. А Иран е на четвртото место според воените издатоци на Блискиот исток: 10,3 милијарди долари.

Никлас Шерниг, политиколог од Институтот Лајбниц за истражување на мирот и конфликтите, од Франкфурт, вели: „Живееме во време кога воената безбедност повторно стана приоритет, кога за безбедноста повторно се размислува во воена смисла. Во тој поглед, овие бројки едноставно се израз на таквиот начин на размислување.“ А ако притоа се посматраат примерите на Украина или неодамнешните ирански напади на Израел, тогаш може да се заклучи дека одбраната е значително поскапа од нападот. „На пример, со сегашните беспилотни летала кои Иран ѝ ги испорачува на Русија, а кои сега ги користи и Иран, напорите потребни за одбрана станаа енормно скапи“, вели Шерниг.

Вооружувањето треба да биде контролирано

Инаку, Никлас Шерниг објави и книга за динамиката и контролата на вооружувањето. Оценува дека разоружувањето денес е само далечна перспектива, со оглед на заканите како оние кои ги претставува, на пример, војната во Украина. Вели дека светот во моментов е во нова ера: ера на неконтролирано вооружување, каде повеќето од договорите за вооружување веќе не се на сила или се суспендирани. Затоа државите ширум светот сè повеќе се вооружуваат, а тоа е спирала која донесува сè поголема нестабилност.

Затоа Шерниг се залага да се постави нова цел: „Државите повторно барем контролирано да се вооружуваат. Да постои договор: не се вооружуваме над одредено ниво. Во тој случај таквата динамика би се забавила. Контролата на вооружувањето секако би можела да биде некаква меѓу-цел - значи да се контролира и стабилизира вооружувањето, а не секој да се вооружува како што
сака“.

Блискиот исток исто така се вооружува

Многу е веројатно дека следниот извештај на СИПРИ за воените расходи за 2024-та година ќе покажат уште едно зголемување - меѓу другото и затоа што војната во Газа и тензиите на Блискиот исток уште во 2023-та предизвикаа најголемо зголемување на потрошувачката во тој регион во последниве десет години. Проценетата воена потрошувачка на Блискиот исток се зголеми за девет проценти, односно на 200 милијарди долари. Само воената потрошувачка на Израел - втората најголема во регионот по Саудиска Арабија - се зголеми за 24 проценти, односно на 27,5 милијарди долари.

Заради сето тоа, политикологот Никлас Шерниг е песимист: „Доколку не се промени вкупната политичка ситуација, не верувам дека ќе се промени и ваквиот тренд. Тоа би било можно само ако во Украина дојде до мир, кој не би ја поделил земјата“. Меѓутоа, во случајот со кинеско-тајванскиот конфликт, сè уште постои надеж дека САД и Кина можат да ја контролираат ситуацијата преку преговори. Па сепак: „Во моментов актуелната светска ситуација - а бројките на СИПРИ јасно го покажуваат тоа - е исклучително опасна“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Sonia Rentsch

Извор: https://vreme.com/

ОкоБоли главаВицФото