Советниците на Левица бараат поништување на катастрофалниот ДУП во Ѓорче Петров

Ја известуваме јавноста дека за утрешната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, која ќе се одржи во општинската зграда во 11:00 часот – советничката група од Левица има подготвено Одлука за поништување на ДУП-от СЗ 16 и ќе предложи дополнување на Дневниот ред со истата, велат од Левица.

Ве потсетувме дека штетниот ДУП (за локацијата карши пазарот во Ѓорче Петров) предвидува изградба на цел комплекс висококатници во втората заштитна зона на бунарското подрачје Лепенец – Нерези и главниот цевковод Ф1600 со што ќе се загрози водоснабдувањето на една третина од градското подрачје.

Со носењето на овој ДУП дополнително ќе се зголеми хаосот во сообраќајот со нови 2.675 возила бидејќи пресметките се дека во оваа градска четврт ќе се населат приближно 10.000 нови жители.

Висококатниците целосно ќе го загушат Ѓорче Петров, а бенефит од целиот хаос ќе имаат инвеститорите со фантастични 240 милиони евра профит.

Затоа, ги повикуваме советниците од ДПМНЕ и коалицијата, СДСМ и коалицијата, советникот од ГРОМ и советничката од ДС – да прифатат дополнување на Дневниот ред и заедно да спречиме неповратлива катастрофа, не само во нашата општина Ѓорче Петров, туку и во целиот град.

Апелираме до советниците за првпат да ја надминат партиската послушност и да го дадат својот глас за доброто на жителите и Општината.