Интервју со Тања Димова, главна медицинска сестра на ГАК: Професијата сестра и акушерка алармантно се губи

Тања Димова, главна медицинска сестра на ГАК /Фото: Приватна архива

„Од ЈЗУ У ГАК-Скопје само во последната година заминаа повеќе од 5 отсто од вкупниот број на медицинските сестри, што е доволен аларм да се преземат мерки и да се спречи одливот на квалитетен и обучен кадар“, вели Тања Димова, главна медицинска сестра на Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје, која е акушерка со долгогодишно работно искуство.

На Меѓународниот ден на медицинските сестри (12 Мај) повторно, како фела, добивате еднодневна можност јавноста да слушне за вашата значајна улога во здравствениот систем, а надлежните, да ви се заблагодарат за самопрегорната работа и за придонесот кој го вложувате во негата и во грижата на пациентите. Која е реалноста во останатите денови од годината со која се соочува медицинската сестра во работниот процес?

– 12 Мај е меѓународен ден на сестрите, а 5 Мај е меѓународен ден на акушерките. Јас како акушерка со долгогодишно работно искуство мислам дека не само спомнатите денови, туку во текот на целата година треба да се цени нашиот труд, нашата посветеност кон пациентите и значењето на нашата улога како здравствени работници.
Ние сме тим и работиме заедно со лекарите и со помошно-техничкиот персонал и сме значајна алка од синџирот во овој здравствен систем. Не само тимот, и останатите од овој синџир и од здравствениот систем не треба да ја заборават важноста на нашата улога.
Ние ќе го одбележуваме денот на овој датум секоја година, а останатите денови гласно ќе зборуваме за нашите проблеми. Тие сѐ уште се исти како и во годините претходно, се надевам дека нешто ќе се смени во иднина, затоа што мора да се смени, бидејќи се губиме како професија, нè има во сѐ помал број, а тие што работат се на раб на согорување поради обемот и спецификите на работата.

Фото: Приватна архива

Вие сте главна сестра на Клиниката за гинекологија и акушерство кое е најголемото родилиште во државата, инаку сте дипломирана акушерка со повеќе од 20 години работно искуство. Оттука, компетентна сте да ги посочите и предностите, но и слабостите со кои се справува вашата професија, која колку што е благородна, толку е и високо одговорна.

– Предноста е што професијата ни е хумана, работиме за доаѓање на нов живот, правиме среќни многу семејства, помагаме во негата и грижата на пациентките кои се соочуваат со здравствени предизвици. Тука сме заедно со мајките да го слушнеме првиот бебешки плач и ги учиме како да го хранат и да го бањаат во текот на првите месеци од животот нивното новородено.
Како медицински сестри, иста е грижата и негата за останатите пациенти и на сето ова одговорноста е огромна, а слабостите се веќе познати – сериозен недостиг на персонал со кој се бориме подолг временски период.
Згора на сè, се нуди кадар којшто за ваква одговорна работа завршува вонредно образование за медицинска сестра, кој во текот на работниот процес не може соодветно да одговори на нашата високоодговорна професија. Мора да се биде свесен дека ние сме одговорни за човечки животи, за што е потребна врвна професионалност, соодветна едукација и посветеност.

Сметате ли дека медицинските сестри во вашата здравствена институција, воопшто во здравството, се подготвени за предизвиците што ги носи иднината или е неопходно да се работи на дополнително развивање на сопствените сили кај сестринството, на способностите, компетенциите, емпатијата кон пациентите…

– Сметам дека на медицинските сестри и на акушерките им е потребна редовна едукација и усовршување. Во медицината секогаш има напредок и новитети и ние мора да бидеме во тек со модерното време во сферата на медицината.
Постојат многу начини за развивање на сестринството, треба само да се има желба за тоа да се научи, да се спроведе и да се пренесе на идните генерации, а најмногу, да се внимава и да се работи на емпатијата кон пациентите.
Мислам дека најмалку внимаваме и најмалку учиме како да се однесуваме со пациентите. Претходно споменав дека сме хумани и сме жртви за пациентите, но тоа не треба да го правиме само рутински. Потребно е да бидеме љубезни, културни, сочувствителни кон пациентите кои се во болниците затоа што имале потреба да дојдат тука.

Медицинските сестри се најбројни во здравствениот систем, погрешен ли е впечатокот дека како да не знаат да се наметнат во општеството или пак, потешко наидуваат на слух за нивните барања?

– Ние сме бројни во здравствениот систем, но не сме најбројни. Треба да нè има уште многу. Доволно сме горди на својата работа и знаеме да се наметнеме во општеството, но надлежните немаат слух за нас и сите наши барања се ставени на „чекање“ и тоа со години.
Во претходниот период активно бевме вклучени во креирање на Закон за сестринска и акушерска дејност, но заради честата промена на министри и предизборниот период, оваа законско решение е оставено на „стенд бај“ и се чека на новиот министер и влада да донесат одлука дали ќе оди како самостоен закон или делови од законот ќе бидат вклучени во Законот за здравствена заштита, а изработениот документ ќе се применува во подзаконски акт.
Тоа е закон кој треба во целост да го регулира образованието, правата, но и одговорностите на медицинските сестри и акушерки во нашата држава.
Во овој момент нашите професии се во еден заеднички кош како здравствени работници со средно, вишо и високо образование иако се регулирани како посебни професии секаде во Европа. Со тоа, практично ние не си ги знаеме своите права и обврски и немаме јасно дефинирани компетенции според степенот на образование.

Фото: Приватна архива

И на вашата клиника се соочувате со одлив на средномедицински кадар, колку медицински сестри во последната година заминаа од ЈЗУ У ГАК – Скопје? Што, потпирајќи се на вашето искуство, ќе биде конкретна мотивација за да запре овој тренд?

– На нашата клиника повеќе од 30 отсто се медицински сестри и акушерки со високо образование. Имаме и средномедицински кадар, дел од нив со долгогодишно искуство и се од непроценлива важност за нашата работа.
Секоја година одливот е во сè поголем број, нас нè има сè помалку на работните места, а од друга страна нема нови приеми на медицински сестри по здравствените институции.
Конкретно, од ЈЗУ У ГАК-Скопје само во последната година заминаа повеќе од 5 отсто од вкупниот број на медицинските сестри, што е доволен аларм да се преземат мерки и да се спречи одливот на квалитетен и обучен кадар.
Според неодамнешно истражување на СЗО за одливот на медицински сестри и акушерки во регионот, дојдено е до следното сознание: дури на четврто место е финансиската мотивација. Предничат забелешките за условите за работа и немањето јасни компетенции според степенот на образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот