Полска и Литванија радо би да ловат избегани Украинци

Министрите за одбрана на Полска и Литванија, без никој да го побара тоа од нив, ветија дека ќе почнат да приведуваат и депортираат Украинци на нивна територија кои ја напуштиле Украина за да избегаат од регрутација.

Еден од главните проблеми со регрутацијата на Киев е што голем број од военоспособни мажи ја напуштија државата, дали нелегално, дали со лажни документи.

Се проценува дека во Полска има пребегано најмалку 200.000 военоспособни Украинци.

„Украинските државјани имаат обврски кон државата. Ние одамна се нудевме да и помогнеме на украинската страна да се осигура дека оние кои се способни за воена служба ќе бидат испратени во Украина,“ порачал полскиот министер за одбрана.

Министерот изјавил дека за овие Украинци ќе биде обезбеден превоз, можно е дури и директно до Украина, а нивната дозвола за престој во Полска нема да биде обновена.

Литванците пак се подготвени да ги укинат или намалат бенефициите, работните дозволи и документите на военоспособните Украинци, и истите да ги испратат во Украина.

За да може да ги прибере дома потенцијалните регрути, Украина деновиве ги укина сите конзуларни услуги за мажи на возраст од 18 до 60 години, со што го отежна легалното продолжување на нивниот престој во странство. Од почетокот на војната беше забранет излез од Украина за сите мажи на возраст од 18 до 60 години.

26 април 2024 - 10:23