Најстарата позната фотографија на светот открива две мистериозни фигури

11.01.2024 15:03
Најстарата позната фотографија на светот открива две мистериозни фигури

Денес фотографирањето е брз и лесен процес. Со леќите на нашите телефони и мноштвото достапни дигитални фотоапарати, не треба да чекате долго за да го видите вашиот портрет. Меѓутоа, ако изберете да користите фотоапарат за еднократна употреба, тогаш процесот може да биде сосема поинаков, барајќи од вас да го оставите филмот и да чекате околу една недела за да бидат достапни физичките копии. Од денешна перспектива тоа ни делува како долго време, но пар мистериозни фигури од 19 век „чекаат” повеќе од сто години за да ја добијат својата фотографија.

Неодамна беше развиен филм од фотоапарат број 1 на „Кодак”, 134 години откако бил наполнет во 1889 година. Раниот фотоапарат на „Кодак”, бил во сопственост на австралиска голферка по име Евелин Мекензи, за која фотографирањето претставувало хоби. Слично како фотоапаратите на „Кодак” денес, овој винтиџ модел бил претходно наполнет со филм за сто фотографии, но за да се добијат копии, целиот сет од фотоапаратот требало да се испрати назад во „Кодак”, каде што филмот бил извлечен и обработен. „Вие го притискате копчето, ние го правиме останатото”, гласел познатиот слоган што го користела компанијата Eastman Dry Plat and Film Co.

Реклама од списанието „The Photographic Herald and Amateur Sportsman”, ноември 1889 година

Дејвид Гарднер, член на Клубот на фотографски колекционери на Велика Британија, го купил винтиџ фотоапаратот на аукција. Со текот на времето одлучил дека сака да го развие филмот, што поттикнало долга и напорна потрага, која на крајот го поврзала со Film Rescue International во Индијан Хед, Саскачеван, Канада. Таму, тие имале способност да развијат деликатна целулоидна ролна базирана на нитрат, која била скриена 134 години. Сепак, тој потфат се покажал како напорна задача, со само еден негатив кој враќа малку видлива слика. Грег Милер од Film Rescue вели дека тешкотијата се должи на тоа што станува збор за „најстариот филм од кој некогаш сме извадиле нешто” и „веројатно најстариот некогаш развиен филм кој имал нешто на него”.

На добиената слика можат да се видат две силуети кои ја отсликуваат модата од крајот на 19 век, но не е сигурно дали станува збор за викторијанска или едвардијанска. Модната историчарка Џејн Шримптон, која ја погледнала магливата фотографија верува дека двете фигури се мажи, а едната од нив носи шапка там о’шантер. „Се чини дека сликата на луѓето кои најверојатно се договараат околу некакво парче опрема, е направена одзади”, пишува Гарднер во Photographica World, списанието на Фотографскиот колекционерски клуб на Велика Британија. „За да се совпадне со снимката на госпоѓица Мекензи, очекувам опремата да биде тениски или голф палки, но колку повеќе ја гледам, толку повеќе мислам дека станува збор за теренски фотоапарат на статив” – додава Гарднер.

Иако има многу прашања околу магливите фигури, фактот дека ролна филм поставена во фотоапарат број 1 на „Кодак” во 1889 година може да се развие денес е неверојатен подвиг. Можеби со текот на времето ќе излезат на виделина повеќе информации за фотоапаратот на Мекензи и нејзините анонимни чувари.

Извор: https://mymodernmet.com

Слични содржини

Фотографија / Наука / Око / Историја
Фотографија / Историја
Фотографија / Спорт / Настан / Историја
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Фотографија / Gif / Теорија / Историја
Фотографија / Gif / Историја

ОкоБоли главаВицФото