Гладот се шири низ Газа

08.02.2024 09:37
Гладот се шири низ Газа

Додека низ Појасот Газа се шири глад, раселените цивили и здравствените работници гладуваат за нивните деца да можат да јадат од достапната оскудна количина на храна. Водата до која стигнуваат Палестинците, најчесто не е за пиење.

Кога камионите за помош се редат на лентата, луѓето се качуваат едни врз други за да добијат помош. Децата кои живеат на улица, откако биле принудени да ги напуштат своите домови поради бомбардирањето на Израел, плачат и се караат за бајат леб, додека други, наводно, пешачат со часови на студ барајќи храна, ризикувајќи да бидат изложени на израелски напади.

„Дури и пред војната, две од три лица во Газа се потпираа на поддршка за храна”, изјави за Си-Ен-Ен Ариф Хусеин, главен економист во Светската програма за храна. Палестинците преживеаа 17 години делумна блокада наметната од Израел и Египет.

Бомбардирањето и опсадата на Израел од 7 октомври драстично ги намалија виталните резерви во Газа, оставајќи го целото население од околу 2,2 милиони изложено на високи нивоа на акутна несигурност во однос на храната или уште полошо, според Интегрираната класификација на фазата на безбедност на храна и исхрана која проценува глобална несигурност во однос на храната и неухранетоста.

Мартин Грифитс, шефот за итна помош на ОН, исто така изјави дека „големото мнозинство” од 400.000 жители на Газа, кои агенциите на ОН ги карактеризираат како изложени на ризик од глад, „всушност веќе се изложени на глад”.

„Израел го уништува системот за храна во Газа и ја користи храната како оружје против палестинскиот народ”, предупредија експертите за човекови права на ОН.

Во текот на повеќе од сто дена, Палестинците во Газа забележаа масовно раселување, населби претворени во пепел и урнатини, цели семејства разнебитени од војната, наплив на смртоносни болести и медицински систем уништен од бомбардирање. Сега гладот и дехидрацијата се главна закана за нивниот опстанок.

„Полека умираме”, вели Ел Џамара, мајка во Рафах. „Подобро да умреме од бомбите, барем ќе бидеме маченици. Но, сега умираме од глад и жед”.

Според Министерството за здравство на Хамас, во израелските напади врз Газа, по нападите на Хамас на 7 октомври загинаа најмалку 26.637 луѓе, а повредени се 65.387 други. Израелската војска ја започна својата кампања откако милитантната група уби повеќе од 1.200 луѓе во нападите без преседан врз Израел и рече дека е насочена кон Хамас.

Јадат трева за да преживеат

Мохамед Хамуда, физиотерапевт раселен во Рафа, се сеќава на денот кога неговиот колега, Одех Ал-Хау, бил убиен обидувајќи се да добие вода за своето семејство.

Ал-Хау чекал во редица на станицата за вода во бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Газа, кога тој и десетици други биле погодени од израелско бомбардирање. „За жал, многу наши роднини и пријатели сѐ уште се во северниот дел на Појасот Газа и страдаат. Тие јадат трева и пијат загадена вода”- изјави Хамуда, татко на три деца.

Блокадата на Израел и ограничувањата за испорака на помош значат дека залихите се очајно ниски, што ги зголемува цените и ја прави храната недостапна за луѓето низ Газа. Според ОН недостигот е уште поголем во северните делови на појасот, каде Израел ја концентрираше својата воена офанзива во раните денови од војната. Оневозможувањето на комуникацијата ги задушува напорите за известување за глад и дехидрација во регионот.

„Луѓето искасапеа магаре за да го изедат месото”, Хамуда го пренесува она што му го кажале пријателите во Џабалија претходно во текот на месецот.

Дополнително, сериозен удар за хуманитарните напори претставува одлката на неколку западни земји да го суспендираат финансирањето на главната агенција на ОН во Газа, Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток, во последните денови поради наводите на Израел дека неколку нивни вработени учествувале во нападите на 7 октомври. ОН отпушти неколку вработени по овие наводи.

Нема чиста вода

Гихан Ел Баз лулка мало дете на колено додека ги теши своите деца и внуци, за кои вели дека секој ден се будат „врескајќи” за храна.

„Во засолништата нема доволно храна, сонцето заоѓа на нас, а ние не сме ни ручале”, вели Ел Баз, која живее со десет роднини во шатор во Рафах.
„Нема пијалоци, нема чиста вода, нема чисти бањи, детето плаче за бисквит, а ние не можеме да му дадеме”.

Раселените родители во Рафах, каде што OCHA објави дека повеќе од 1,3 милиони жители на Газа биле принудени да избегаат , велат дека стресот поради неможноста да ги заштитат своите деца од бомбардирање е надополнет со нивната неможност да обезбедат доволно храна. Ограничениот пристап до електрична енергија прави лесно расиплива стока која не може да се чува во фрижидер. Условите за живеење се пренатрупани и нехигиенски.

„Луѓето се принудени да сечат дрвја за да добијат огревно дрво за греење и подготовка на храна. Чадот е насекаде, а мувите се шират и пренесуваат болести”, вели Хазем Саид Ал-Наизи, директор на сиропиталиште во градот Газа кој побегна на југ со четириесет луѓе под негова грижа, од кои повеќето се деца и доенчиња со посебни потреби.

Хамуда , раселениот здравствен работник, предходно ги хранел своите деца – на возраст од шест, четири и две години – со мешавина од овошје и зеленчук, бисквити, свежи сокови, месо и морски плодови. Годинава, рече тој, семејството едвај јадело еден оброк дневно, живеејќи на сув леб и конзервирано месо или мешунки.

„Децата се агресивни едни кон други борејќи се да дојдат до храна и вода”, рече Хамуда, кој работи во болницата Абу Јусеф Ал-Наџар и волонтира во блиското засолниште. „Не можам да ги спречам солзите кога зборувам за овие работи, бидејќи е многу болно да ги гледате вашите и другите деца гладни”.

Сите 350.000 деца на возраст под пет години во Газа се особено ранливи на тешката неухранетост, објави УНИЦЕФ минатиот месец.



Извор: https://civilmedia.mk

ОкоБоли главаВицФото