Вашето тригодишно дете изгледа возбудено во врска со одењето на одмор. Но, кога ќе стигнете на плажа, детето не сака ни прстите да ги потопи во морето. Ако тоа сценарио ви звучи познато, не сте сами.

Многу често малите деца развиваат страв од вода, а нивните родители се фрустрирани и несигурни бидејќи не знаат како да ги натераат децата да ги надминат овие стравови. Постојат неколку тактики со кои можете да се обидете да му помогнете на вашето дете да го надмине стравот од вода.

Зошто децата се плашат од вода?

Во повеќето случаи стравот од вода на децата може да се припише на развојната незрелост. Бебињата не се свесни за водата како за нешто од кое треба да се плашат и обично уживаат да се забавуваат во бања, езеро, море или базен. Но, како што растат, вообичаено е да се плашат од вода. Според психолозите, стравот од вода најчесто го развиваат децата на возраст од 1 до 7 години.

Ако вашето дете имало лошо искуство во вода, дури и во када, како што е лизгање, претерано прскање или несакано потопување, тоа може да ги направи стравовите уште поголеми и потешки за справување. Некои деца можеби немале страшни искуства, но непријатни сигурно имале – како што е моментот кога водата им влегува во носот или очите, и грижата дека тоа ќе се повтори, може да им влева страв да влезат во водата.

Како да му помогнете на детето да го надмине стравот од вода?

Најдобро е да имате одмерен, емпатичен и смирен пристап. Ако покажете нервоза, децата ќе го почувствуваат тоа, а тоа само ќе им ги зголеми стравовите. Еве неколку стратегии што можете да ги испробате.

Постепено потопување: Оставете го детето постепено да се навикне на водата. Првиот ден нека ги потопува само прстите, вториот нека влезе до колена, па до половината итн. На некои деца едноставно им треба повеќе време, па затоа не присилувајте ги.

Набавете забавна опрема: некои деца ќе се чувствуваат поудобно со шарени очила за сонце, елек за спасување или ракавици за капење украсени со нивните омилени цртани ликови. Овие предмети можат да им помогнат на децата да се чувствуваат посигурни.

Побарајте стручна помош: Некои деца почесто слушаат возрасен кој не е нивни родител. Еден љубезен и трпелив инструктор по пливање може да направи чуда. Дополнително, професионалците имаат големо искуство со проблемот на децата кои се плашат од вода и ги знаат најдобрите трикови за справување.

Влезете во вода со вашето дете: На некои деца ќе им биде удобно ако влезете и вие во водата. Можете да ги држите за рака додека не се опуштат. Но, дури и кога тоа ќе се случи, не одете премногу далеку. Американската академија за педијатрија препорачува родителите во секое време да бидат до децата кои се неискусни пливачи.

Разговор: Обидете се да разговарате со вашето дете за да ја разберете причината за неговиот страв од вода. Ако знаете со што се бори, полесно ќе му помогнете да го надмине стравот и да се чувствува поопуштено во водата.

Извор



912

X