Македонија
6. May 2024 - 16:57

Последен ден за кампања - пораки на кандидатите

Граѓаните сами да одлучат за кого да гласаат. Ниту Европскиот фронт, ниту Коалицијата Вреди нема официјално да поддржат ниту еден од претседателските кандидати в среда. 

Меѓутоа, Бујар Османи, кој беше кандидат за претседател на државата од Европски фронт не одговори конкретно дали членството на коалицијата ќе го бојкотираат гласањето за шеф на државата.

- Граѓаните се слободни да одлучуваат сами за тоа кого ќе поддржат во вториот круг и апсолутно немаме намера како фронт да им наметнуваме на граѓаните сами да ја донесат одлуката. Сметаме дека суштината на демократијата е граѓаните да имаат информирана одлука. Наше е да ги информираме граѓаните за сите аспекти на одлучувањето, а на крајот одлуката ја носат тие, вели Османи. 

Со сличен став и опозицијата од албанскиот политички блок. Меѓутоа, првиот човек на Демократски Движење, Изет Меџити уверува коалицијата Вреди нема тивко да го бојкотира гласањето за претседател на државата. 

- Не, не одиме на бојкот. Значи, ги повикуваме нашите гласачи да гласаат за претседател, а за кого ќе гласаат... мислам дека ние ги немаме во џеб, тие се гласови што гласаа со убедување и пак ќе гласаат како што е нивното убедување на подобриот кандидат, вели Меџити. 

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска преку социјалната мрежа Фејсбук рече дека нема да гласа во вториот круг. Во објавата која главно е насочена кон Силјановска Давкова вели дека е под постојан брутален притисок од ВМРО-ДПМНЕ за да ги даде гласовите за нивната кандидатка.

- Јас не би излажала сите 40-тина илјади гласачи кога сега би ги повикале да гласаат за помалото зло. Би си поплукала на себе и на својата програма. Секој од нас со својот ум и совест. Тоа е демократијата и ништо друго! Ќе беше подемкоратски да не ме принудеа јавно да кажам што ќе равам со своето ливче, но претераа – и ова е мојата пресметка со тие „кучиња на политиката“ на кои им течат лиги од помислата дека ќе добијат привилегии веднаш по изборите, вели Ванковска. 

Првиот човек на ЗНАМ, Максим Димитриевски веќе навести дека во вториот круг гласот ќе го даде за Силјановска Давкова, но не ги повика гласачите и дадат поддршка.

В среда македонските граѓани ќе треба да изберат кој ќе биде шеф на државата во наредните 5 години. Во првиот круг од изборите кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова имаше огромна предност од 182 илјади гласови пред актулениот претседател на државата, Стево Пендаровски.