Истражување: Децата чии мајки користеле марихуана пред зачнувањето се изложени на поголем ризик од хиперактивност и аутизам

Точка

09/04/2024

13:04

5.858

Големина на фонт

а а а

Децата чии мајки често користеле марихуана пред зачнувањето имаат 98 отсто поголем ризик од пореметување на внимание и хиперактивност (АДХД) и 94 отсто поголем ризик од аутизам отколку децата чии мајки не го користеле овој вид на дрога, покажа најновото истражување на „Универзитетот Куртин“ во Австралија, пишува порталот „New Science“.

Резултатите од новите студии покажуваат дека децата на мајките кои често консумирале канабис пред породувањето се речиси 47 отсто повеќе изложени на ризик од намалени интелектуални способности.


Ризикот од овие болести се зголемува доколку мајките редовно уживале во тутунските производи пред и за време на бременоста.

Истражувањето се заснова на анализа на податоци од повеќе од 220.000 млади жени и нивните деца, вели една од учесничките во тој проект, епидемиологот Ебај Тадаси и додава дека прекумерната употреба на марихуана може да предизвика низа компликации, како што е предвремено породување, невро-развојни тешкотии и значително намалување на тежината на новороденчињата.

Се нагласува дека глобалната употреба на овој вид дрога кај жените во репродуктивна возраст е зголемена во последните неколку децении, како и дека идните мајки не се доволно информирани за ризикот и можните негативни последици од честото користење на марихуаната.


Споменатите опасности за младата генерација се зголемуваат од година во година, бидејќи одгледувачите на марихуана, кои го снабдуваат нелегалниот пазар во повеќето земји, постојано го зголемуваат процентот на психоделичната компонента во марихуаната, позната како тетрахидроканабинол (THC).

Во последниве години, процентот на таа природна психотична супстанција, која има повеќекратни негативни ефекти врз здравјето, се зголеми на повеќе од 30 проценти, што е повеќе од двојно повеќе од количината на THC во канабисот, кој се одгледуваше и беше ставен на нелегалниот пазар пред една и пол до две децении.


Според податоците на Светската здравствена организација, канабисот е убедливо најпопуларната нелегална дрога и бројот на негови корисници во светот се проценува на околу 2,5 отсто од светската популација, 0,2 отсто користат кокаин, а истиот процент ужива во различни видови на опијати, вклучувајќи морфин или кодеин.




Спонзорирани линкови

Маркетинг