КУЛТУРАТА Е ЗАГАДЕНА ОД РЕАЛНОТО ШОУ КОЕ СЕ ЕМИТУВА И ВО СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ СВЕТЛАНА БОЈКОВИЌ ПРЕД ГОСТУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со претставата „Целото тело тука ме боли“ (Цело тело ту ме боли) легендарната српска актерка Светлана Бојковиќ ќе гостува во Скопје на 8 април, во Националната опера и балет. Актерката со повеќе од 50 години искуство на театарската, ТВ и филмска сцена вели за СМАРТ СДК.МК дека е среќна што игра во добра комедија.

„Мислам дека претставата е многу добра и дека преку комедија ги отсликува реалноста и односите во општеството во кое што живееме. Среќна сум што играм со Радован Вујовиќ и Андријана Оливериќ“, кажа Бојковиќ за колегите со кои доаѓа во Скопје.

Бојковиќ во претставата „Целото тело тука ме боли“ игра со Радован Вујовиќ и Андријана Оливериќ (Фото: Филмоскопија)

Претставата е направена според мотиви од драмата „Лекција” од француско-романскиот драматург Ежен Јонеско и игра на редовниот репертоар на белградскиот „Театар на брду“.

Пред пошироката публика, Бојковиќ најмногу се прослави со улогата на Емилија Попадиќ во хит-серијата „Подобар живот“. Вели дека наоѓа сличности во улогата од сегашната претстава и онаа во серијата.

„Иако овие две улоги се со различен карактер, заедничко им е она што важи за сите мајки. А, тоа се грижата и трудот за детето да не скршне од вистинскиот пат во животот“, вели Бојковиќ.

Таа со носталгија се сеќава на двајцата покојни колеги од „Подобар живот“, нејзиниот партнер Марко Николиќ, кој го играше Драгиша Попадиќ (Гига Моравац) и Борис Комнениќ, кој беше нивниот син Александар. Комнениќ почина во 2021, а Николиќ во 2019.

„За жал, изгубивме двајца прекрасни актери, двајца прекрасни луѓе. И Марко и Борис освен актерскиот талент имаа и сериозно образование, а што е уште повредно, беа многу морални луѓе. И двајцата ги красеше духовитост. Имавме неброени анегдоти на снимањата, но тие се многу поефектни кога се раскажуваат отколку кога се пишуваат“.

Бојковиќ заедно со Драган Бјелогрлиќ е активистка во граѓанската иницијатива „Проглас“, која често организира протести за правата на граѓаните, за поддршка на студентите и против неправилната работа на институциите во Србија.

„Ми пречи што луѓето доста се отуѓија едни од други, што емпатијата станува сѐ поретка, што дрскоста, насилството и глупоста сѐ повеќе се појавуваат на улиците и во сообраќајот, бидејќи културата е загадена од реалното шоу кое се емитува и во собранието. Сепак, вистинските луѓе и вистинските пријатели останаа, колку и ова време да ги турка во ќош“, вели актерката.

Во овој период, таа му е посветена на театарот. Неодамна имаше премиера во „Ателје 212“ со претставата „Страв во операта“, според приказните на Дино Буцати, во режија на Иван Вуковиќ.

„Поминавме одлично, работев со прекрасен тим и ја сакам мојата улога. Кон крајот на април ќе започнам со ново парче, со работен наслов ‘Маторци‘“.

Актерите од серијата „Подобар живот“ повторно се собраа за заедничко фотографирање во 2017 (Фото: Јутјуб принтскрин)

Вели дека секогаш кога доаѓа во Македонија убаво си поминува.

„Луѓето се познати по срдечноста и гостопримливоста. Има прекрасна музика, прекрасни песни, а културата на исхраната е на високо ниво“, кажа Бојковиќ.

На 76 години, таа е прилично активна и не живее класичен пензионерски живот. Вели дека се ретки моментите кога не прави ништо.

„Ретки се моментите кога не работам, но има и такви периоди кога се одморам и не правам ништо. Имам широк круг на пријатели, сакам да се дружам и тоа не го запоставувам, затоа што ми годи. Многу сакам и да читам“.

Текстот и режијата на претставата со која ќе гостува во Скопје се на Никола Пејаковиќ. Главната тема во комедијата „Целото тело тука ме боли“ е односот помеѓу доминантна мајка и син единец, чија врска се движи од жестоки конфликти до голема блискост.

М. ЏАРОВСКА