Достапни линкови

Избори: „Кој кити, тој и раскитува“


Што покажаа резултатите од првиот круг претседателски избори? Зошто е толкаво незадоволството на гласачите од актеулната власт? Што може да се очекува сега? Њузлетер 26.04.2024

Стигна казната
По првиот круг од претседателските избори може да се заклучи дека најголем губитник е и СДСМ, но, и нивниот кандидат Стево Пендаровски, иако се пласира за вториот круг. Со освоените 180 илјади гласови, во првиот круг, актуелниот претседател Пендаровски, може да се надева само на чудо, иако во вториот круг се почнува од нула. Од нула почнува и Гордана Сиљановска, подржана од ВМРО – ДПМНЕ, но, освоените над 360 илјади гласови, што е двојно повеќе од Пендаровски, односно, 180 илјади гласа повеќе, ја прават нејзината „нула“ на вториот круг, многу, многу посилна.
Зошто? Затоа што на виделина излезе расположението на гласачкото тело, кое, очигледно го изрази незадоволството од владеењето во последниве неколку години. А, причини има повеќе, кои им се познати на сите.

Двојно водство на Силјановска пред Пендаровски во првиот круг
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:37 0:00

„Народот не казни“, изјави вечерта на 24.04 лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, додавајќи дека нема откажување. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истата вечер, повика на „целосно народно и седржавно обединување против актуелната власт“.
Дали може да се смени расположението на гласачите за претстојните две недели, до вториот круг претседателски и гласањето на парламентарните избори на 8 мај? Тешко.
Ако се повторат слични резултати и на парламентарните избори, што се однесува на овие две партии, тогаш ВМРО-ДПМНЕ би освоило најмалку двојно повеќе пратеници од СДСМ.

Од другите партии, се покажа дека ДУИ има силно гласачко тело, што се покажа преку резултатот на нивниот кандидат Бујар Османи, (над 120 илјади гласа), но, причина за задоволство има и Арбен Таравари, со освоени 83 илјади гласа, подржан од коалицијата ВРЕДИ, што ја прави оваа коалиција сериозен конкурент на ДУИ при евентуални преговори за состав на идната влада.

Кај помалите партии во македонскиот блок, ЗНАМ на Максим Димитриевски, за неколку месеци стана моќен политички фактор во државата. Меѓу разочараните од исходот во првиот круг е Левица, односно нивната кандидатка Билјана Ванковска, со освоени нешто над 40 илјади гласови.
Но, најважно од се е што првиот круг помина со солиден одзив и без посериозни нерегуларности. Нема причина така да не биде и во вториот круг од претседателските, како и на парламентарните избори на 8 мај. Гласачите даваат власт, гласачите одземаат власт.


Зошто е такво расположението на гласачкото тело?
Промена на името, условот на ЕУ за почеток на преговорите за членство со внесување на Бугарите во Уставот, се можеби и помалиот проблем на оваа власт. Незадоволството е многу поголемо од раширената корупција, неефикасното и партизирано судство, слоганот „нема правда, нема мир“ го заборавија, сиромаштијата и нискиот животен стандард...
Сето тоа го потврдуваа и разни меѓународни организации, почнувајќи од извештајот на Европската Унија, во кој беа нотирани назадувања на многу полиња, најновиот извештај на Фридом Хаус, кој констатира назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија, Транспаренси интернешнл со оценка дека има мал или никаков напредок во борбата против корупцијата поради ранливите судски системи...
Најновиот, оној од американскиот Стејт Департмент, беше објавен на два дена пред изборите, на 22.04.2024. Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките и во овој извештај. Во него меѓудругото, се додава дека Владата презела ограничени чекори за да ги идентификува и казни оние кои можеби извршиле кршење на човековите права.

Извештајот забележува дека Владата не ги спровела ефикасно кривичните казни за корупција, а се осврнува и на измените во Кривичниот законик, кои „значително ги намалиле обвиненијата и казните за кривичните дела поврзани со корупцијата“.
„Законот предвидуваше кривични казни за корупција од страна на функционери, но владата не го спроведе ефективно законот. Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации (НВО) тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава широки можности за корупција“
, е наведено во извештајот.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) објави дека корупцијата генерално се влошува, се вели меѓу другото во извештајот за состојбата со човековите права на Стејт департментот.

Протести за плати и во време на предизборна кампања
Некои работници веќе не можат да чекаат да поминат изборите, па потоа да бараат исплата или зголемување на платите. Иако, за време на избори не се дозволени нови вработувања, зголемување на плати и слично, се случија серија штрајкови и протести.
Некој бара неисплатена плата, некој бара повисока плата и сите обвинуваат дека државата е најлош работодавач во моментов. Неколку тековни штрајкови, најави за радикализирање на незадоволството и генерален протест на Сојузот на синдикати (ССМ) на 1 мај е предизвикот што синдикалните организации ѝ го поставија на Владата, среде двете предизборни кампањи.

Од почетокот на кампањата, штрајкуваа или уште штрајкуваат приватните специјализанти на клиниките, вработените во културните институции, вработените во „Македонски шуми“, во „Водостопанство“ и здравствените работници.
Пред одлука за радикализирање на незадоволството, како што се „Македонски пошти“, „Паркови и зеленило“ и „Водостопанство“, најави Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП.
На прашање што очекуваат од влада која нема мандат да носи крупни одлуки, од синдикалните организации велат дека проблемот е што некои институции не исплаќаат ниту плати, што спаѓа во редовни месечни обврски.

Ќе има ли пресврт во војната во Украина?
Соединетите американски држави конечно ја одобрија помошта за Украина во износ од 61 милијарда долари. Одлуката помина во двата дома на Конгресот, а претседателот Џо Бајден експресно ја потпиша.
Лидерот на демократското мнозинство Чак Шумер на прес-конференцијата по гласањето за помошта за Украина рече дека тоа е „една од најважните мерки што Конгресот ги усвоил во многу долго време за да ја заштити американската безбедност и безбедноста на западната демократија“.
Тој рече дека му пратил порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна на 23 април, во која му кажал:
„Во ред, го направивме тоа. Сега оди победи во војната!“


Пакетот вклучува противвоздушна муниција и големо количество артилериски куршуми, како и оклопни возила и друго оружје. Американските власти велат дека дел од оружјето брзо ќе биде доставено на бојното поле.
Соочен со очекуваната испорака на оружје од САД и другите сојузници на Украина, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека неговите сили ќе го засилат своето воздушно бомбардирање на Украина во кое ќе бидат вклучени бази за складирање во кои има оружје доставено од Запад.

Украина има проблем и со мобилизација на нови војници
Украински шверцер на дрога вели дека повеќе би сакал да биде во војска отколку во затвор. Може да ја добие шансата доколку биде усвоен законот со кој се дозволува регрутирање на осуденици за војната против Русија. За ваков предлог треба да се изјасни украинскиот парламент, но сеуште има многу дилеми. Предлагачите тврдат дека тоа нема да биде по примерот на Вагнер во Русија, бидејќи нема да доаѓаат предвид осуденици за тешки кривични дела, како убиства.

Украина размислува да регрутира осуденици за војната против Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG