Потпишан договор, стартуваат два енергетски инвестициски проекти вредни 55 милиони евра
Ако порано енергетиката беше поле за корупциски скандали, сега е поле на инвестиции. Вака премиерот Христијан Мицкоски го најави почетокот на изградбата на фотонапонската централа Битола 2 и доградувањето на ветерниот парк Богданци. Ќе се градат со 55 милиони евра пари кои ЕСМ ги позајми од германската КФВ банка.
Новата фотоволтаична централа во Битола ќе произведува струја за 20 илјади домаќинства, со што драстично ќе се намали загадувањето на воздухот, а ветерниот парк во Богданци на земјава секоја година ќе и носи по 3,3 милиони евра. Првиот човек на ЕСМ Лазо Узунчев вели дека овие проекти значително ќе го зголемат портфолиото на државата со нови производни капацитети на електрична енергија од обновливи извори.
Со реализацијата на овие проекти, кои треба да бидат готови за две години, земјава е предвесник и предводник на реализацијата на зелената агенда, вели регионлниот директор на банката-кредитор Мориц Реме.
Ова е втор кредит кој ЕСМ го зема, откако Владата реши повеќе да не ја субвенционира компанијата. Првиот, во висина од 80 милиони евра, наменет за покривање на загубите, е со камата од 4,2 отсто, што е повисока од каматата на унгарскиот кредит. Запрашан колкава е каматата на овој, директорот Узунчев, кој пред два месеци се противеше на вакви споредби, денеска не даде информација.
ЕСМ е една од државните компании кои имаат најголеми долгови. Заклучно со третиот квартал лани, компанијата прикажа кумулиран долг од нешто над 22 милиони евра. Новиот кредит, чиј рок на отплата е 15 години и грејс период од 5 години, дополнително ќе го зголеми долгот, но се очекува со инвестицијата, земјава да добие производство на поевтина струја.