Г7 го предупредува Иран на нови санкции

Министрите за надворешни работи на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) денеска го предупредија Иран на нови санкции поради нападите со беспилотни летала и ракетни напади врз Израел и ги повикаа двете страни да избегнат ескалација на конфликтот.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој претседава со состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, рече дека агендата за тридневниот состанок е променета за да се работи за „најновите случувања“.

Израел, како што јавија американските медиуми повикувајќи се на американски официјални лица, денеска изврши напад врз Иран, додека иранските државни медиуми објавија дека се слушнале експлозии во градот Исфахан во централниот дел на земјата.

Израелските власти најавија дека ќе возвратат на нападот на Иран, кој лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили врз Израел на 14 април, од кои речиси сите беа соборени.

Соединетите Држави ги информираа дипломатите на Г7 дека добиле информации од Израел „во последен момент“ за операцијата со беспилотни летала во Иран, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека САД не биле вклучени во какви било „офанзивни операции“, но одби да ги коментира наводите дека Израел однапред ги известил САД за акцијата.

Г7 ги вклучува САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија и Италија, која е претседавач оваа година.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното