Гулабоски: За науката никој не мисли, потребна е вистинска стратегија за развој

Науката во земјава е една константа од 1993 година досега. За науката никој ниту мислел, ниту мисли, ниту ќе мисли во наредните 20-30 години, додека не се направи вистинска стратегија. Со толку мала сума на пари, околу 500.000 евра, апсолутно е незамисливо дека нешто може да се поддржи во научна смисла, вели во интервју за МИА научникот Рубин Гулабоски, кој е меѓу топ два проценти највлијателни научници во светот според Стендфорд листата.

- Моментално сум професор кој е истражувач на Универзитетот во Гетинген којшто има најголем број на познати Нобеловци по глава на студенти. Има повеќе од 20 Нобеловци, двајца активни се се’ уште таму. На тој Универзитет имаме наш професор, Иван Богески на Катедрата за физиологија. Во неговата лабораторија има 10 до 15 пати повеќе средства за наука отколку целокупниот фонд за наука во Македонија, посочува Гулабоски.