Ванковска: Поддршка за приватните специјализанти

Претпоставувам дека емаил пораката која ја добив од Здружението на приватни специјализанти (по медицина) била испратена до сите кандидати за претседателските избори. Во неа, тие ги изнесуваат проблемите со кои се соочуваат и бараат јавна поддршка и заложба за трајно решение за нивниот проблем. Тој „нивен“ проблем е всушност НАШ, заеднички проблем. Затоа и сакам на овој начин да им ја искажам мојата силна поддршка за една категорија образовани луѓе доведена до питачки стап, вели Билјана Ванковска.

Во продолжение само неколку напомени во оваа смисла, додава кандидатката за претседател.

Студиите по медицина отсекогаш биле меѓу најтешките и најодговорните. За разлика од другите, кога ќе ја добијат дипломата, тие веднаш се соочуваат со нови проблеми, бидејќи без специјализација во дадена област мнозина нема да си го остварат својот сон и талент. И што се случува? Третманот што го добиваат младите лекари од државата е однос на неблагодарност и негрижа, а за една исклучително макотрпна и благородна професија. Поделбата на „јавно“ и „приватно“ веднаш им се наметнува, па така и поделбата на оние кои се државни специјализанти и тие кои мораат да се самофинансираат за да станат специјалисти (и плус да потрошат уште неколку години од животот само за усовршување во спасување човечки животи). Велат дека и критериумите по кои се врши селекцијата на специјализантите е далеку од фер, објективна и непристрасна, т.е. заснована на успеџ.

Оразованието и здравството се темелите на кои се гради секоја држава. А овде станува збор за спој на образование плус (специјализација) кое ќе се употреби во здравствениот систем. Оттука, проблемот за кој зборувам е двојно поважен од секоја сфера земена одделно. Јас, како и Левица, се залагаме за ЈАВНО здравство, како и јавно образование.

Како држава сме во ситуација на таков недостаток на медицински кадар што не смееме ни да помислиме на луксузот да дозволиме овие млади лекари, веќе образовани, со бистар ум и амбиција – да ни заминуваат. Да бидеме реални, нацијата старее, лошиот квалитет на живот, стресот и сиромаштијата се „жива болест“ – па здравствен кадар ни е насушно потребен. За сопствениот опстанок и достоинствен живот.

А малкумина се свесни дека младите медицинари минуваат низ своевидна тортурата која трае и преку 6 години студии, и тоа во ужасни услови, за потоа да мораат да молат за задолжителна пракса која им е потребна за специјализација!

Специјализацијата пак, особено приватната, наместо сатисфакција и мотивација, овие луѓе ги доведува во должничко ропство – специјализантите се задолжуваат со кредити кои ќе ги отплаќаат цел живот! Тоа, повторно ги става во незавидна позиција, па работат сменски, без ниту еден ден стаж, со договор на дело, без осигурување, за само 26 илјади денари!

Ова се луѓето од кои ни зависи не само здравствениот систем, туку и нацијата – а нив власта ги осудила на социјална борба од самиот почеток на кариерата! После се чудиме зошто најдобрите, најобразованите и младите се иселуваат! Па ако не ги третираме како што заслужуваат, зарем имаме право да им судиме за животниот избор што го прават?

Јас го делам ставот на Левица: ќе се залагаме за бесплатно образование од градинка – до докторски студии, за најдобрите, а не за најбогатите. Сите што имаат амбиција, желба и ум заслужуваат еднакви можности да се докажат! Се залагаме за еднаков третман на СИТЕ специјализанти, а Левица веќе презема дејствија во таа насока низ институциите.

на пример, минатата недела испратена е иницијатива за вонреден инспекциски надзор во Министерството за здравство, поради веста дека околу 200 млади лекари чекаат дома 3 месеци да бидат викнати на задолжителна пракса!

Истовремено со 888 амандмани е блокиран Законот за здравствена заштита, кој предвидува “кој било” кадар да биде директор на јавна здравствена установа и мерка која ќе им овозможи на здравствените работници до 67 годишма возраст да работат во установите. Парадоксално е младите да добиваат најлош можен третман и да се „бркаат“ од земјата, додека на лекарите да им се овозможи да можат да работат уште три дополнителни години по исполнувањето на условите за пензионирање. Ако немаме кадар, а ни е потребен, треба примарната грижа да биде за младиот кадар (кој потоа ќе создава и нови генерации лекари) да биде ангажиран на достоинствен начин, а постарите по потреба да пополнуваат потреби додека нештата не дојдат на свое место.

Со досегашната практика не само што младите се дестимулитраат за студирање медицина, туку и се туркаат однапред да си бараат спас подалеку од Македонија.

На овој начин, се солидаризирам со приватните специјализанти како лица во тешка егзистенцијална криза, и ги поддржувам нивните барања за итно покачување на платата на висина на просечната плата во државата, како и трајно решавање на ннивниот статус – т.е. овие сега формално-правно невработени лица да се вработат и така да им се овозможи не само професионален растеж, туку и достоинствен живот, создавање семејство, домаќинство и се’ што заслужуваат луѓе кои жртвуваат многу за професијата која ја сакаат.