Колумбиската влада нареди протерување на сите аргентински дипломати од амбасадата по интервјуто во кое аргентинскиот претседател го нарече својот колумбиски колега терористички убиец, пренесува <a href="https://edition.cnn.com/2024/03/28/americas/colombia-expels-argentine-diplomats-milei-cnn-interview-intl/index.html">CNN.</a>
– Изјавите на аргентинскиот претседател ја нарушија довербата на нашата нација и го навредуваа достоинството на претседателот Густаво Петр, кој беше избран на демократски начин, соопшти во средата колумбиското Министерство за надворешни работи.
Новиот аргентински екстремно десничарски претседател Хавиер Мајли во разговор со новинарот Андрес Опенхајмер го коментираше закочениот план за економско штедење и цврстата поддршка за Израел по меѓународната осуда на војната со Газа.
- Не можете да очекувате многу од некој кој бил терористички убиец, изјави Мајли за првиот колумбиски левичарски претседател.
Освен него, во интервјуто го навреди и мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, нарекувајќи го „неук“. Причината за ова веројатно беше тоа што Лопез Обрадор претходно ја критикуваше политиката на Мајли и го спореди со диктатор.
Во објава на социјалните мрежи во четвртокот, Лопез Обрадор возврати, прашувајќи се зошто Аргентинците гласаа за некој што не е во право и го презира народот.
<b>Одбрана на Израел и надеж за Трамп</b>
Во речиси едночасовно интервју Мајли го бранеше и одговорот на Израел на терористичкиот напад на Хамас, велејќи дека војната во Газа е во рамките на владеењето на правото.
- Израел беше цел на брутален напад, таквите работи бараат соодветен одговор. Израел не изврши никаков екцес, рече Милеи.
Мајли, кој е роден како католик, ја изрази својата желба да премине во јудаизам бидејќи верува дека неговата средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху била една од најтоплите што ги одржал откако ја презеде функцијата.
Тој призна дека се надева оти поранешниот претседател Доналд Трамп ќе победи на американските избори во ноември, но дека имаат намера да останат сојузници со кој и да ја преземе функцијата.
– САД и Израел се сојузници на Аргентина, па не е тајна дека моите идеи се повеќе слични на оние на Републиканската партија, но имаме одлични односи и со демократите, тврди Мајли.
Тој исто така ја повтори својата намера да ја затвори централната банка на земјата, нарекувајќи го механизам на измама, но не прецизираше кој ќе биде одговорен за фискалната политика во земјата доколку ја спроведе таа идеја.
Мајли призна дека неговиот обид за реформи е закочен во Конгресот на Аргентина во последните недели, но дека неговата влада останува посветена на затворање на централната банка во рок од три години.
<a href="https://vecer.mk/">Фото: </a>Профи, Хавиер Мајли во предизборната кампања во која неговите економски планови беа симболизирани со моторна пила