ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.04.2024
Студентки признале дека биле сексуално вознемирувани за време на студирањето – покажа истражување за вознемирувањето на факултетите
Автор: Goce Author

Сексуалното вознемирување на универзитетите најчесто е преку коментари со сексуална содржина, шеги од сексуална природа, но и форма на сексуална понуда, а универзитетите немаат правна процедура за пријава на ваква појава и натамошни мерки за заштита, покажа истражувањето на професори од Правниот факултет во Битола.

Авторите: д-р Ангелина Станојоска, д-р Ивона Шушак-Лозновска и д-р Ице Илијевски

Коментари со сексуална содржина од вработени лица на универзитети и од колеги се најчестите форми на сексуално вознемирување со кои се соочиле студенти во земјава. Потоа доаѓа  сексуална понуда, па вербалното вознемирување преку шеги, кои се однесуваат на сексуалните односи, ориентација или карактеристики, и тоа најчесто од страна на колеги или колешки. Тоа го покажа истражувањето „Сексуално вознемирување на универзитетите во Република Северна Македонија“ спроведено од универзитетските професори д-р Ангелина Станојоска, д-р Ице Илијевски и д-р Ивона Шушак-Лозновска. Истражувањето беше направено во 2021, траеше година и пол, а резултатите се публикувани во монографија. Ова е едно од ретките, ако не и единствено истражување што го анализира овој проблем. Издавач на монографијата е универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Правниот факултет од Битола и Центарот за научно-истражувачка работа на Факултетот.

Вознемирувачи од прв ред се колегите, а потоа професорите, па административците

Во истражувањето беа вклучени 330 студенти од девет универзитети во земјава. Од нив, 211 испитаници  одговориле на прашањето „Дали досега сте биле жртва на сексуално вознемирување на Универзитетот?“ Иако бројката од девет испитаници, кои дале потврден одговор, не е голема, сепак таа укажува на присутноста на ова девијантно однесување на високообразовните институции. Сите што одговориле со „да“ се жени, а како вознемирувачи се јавувале во прв ред колеги, дури потоа професори и на крај административно-техничкиот персонал.

Студентите како најчести места каде што биле сексуално вознемирувани ги посочиле канцелариите на професорите, предавалниците или амфитеатрите и ходниците. По ваквите вознемирувања, студентите најчесто имале панични напади, се плашеле и биле фрустрирани, додека честопати некои од испитаниците чувствувале бес.

Само еден случај бил пријавен во Деканатот, другите жртви разговарале со пријатели

„Над 80 проценти од студентите што посочиле дека биле сексуално вознемирувани за нивното искуство кажале или на нивните пријатели, колеги или на родителите. Тоа укажува дека студентите немаат доверба кон универзитетите затоа што универзитетите не им нудат правна рамка со која би биле заштитени“, рече д-р Ангелина Станојоска, вонредна професорка на Правниот факултет во Битола.

Само во еден случај, сексуалното вознемирување било пријавено кај деканот на факултетот. Тоа, според авторите на монографијата, укажува на недоверба кон позитивен исход од процесот. Потенцијалната пријава, пак, отвора нов проблем, кој се однесува на отсуството на правна процедура при пријава на ваков случај на универзитетите во земјава.  Оттука, студентите ретко пријавуваат сексуално насилство, а како причини најчесто се јавуваат страв од негативни последици, како и отсуство на транспарентни и ефикасни механизми на заштита.

„Не постојат класични правни акти што се донесени на универзитетско ниво за ваквата појава. Дел од универзитетите, сексуалното вознемирување го имаат предвидено во нивните етички кодекси, дел во упатства или правилници за заштита од вознемирување на работното место. Но, доминираат универзитетите, кои оваа проблематика воопшто ја немаат уредено во своите акти или тие акти не се јавно достапни, што би значело дека воопшто ги нема. Потребно е универзитетите активно да се ангажираат и да пристапат кон донесување и изготвување посебни правилници за заштита од сексуално вознемирување со кои ќе го уредат поимот и постапките за заштита на студентите“, вели доцент д-р Ивона Шушак-Лозановска.

Има студенти што не го препознаваат сексуалното вознемирување

„Извлекуваме заклучок дека студентите не го препознаваат доволно сексуалното вознемирување и многу често го поистоветуваат со другите форми на сексуална деликвенција“, вели професорот д-р Ице Илиевски.

Автор на текстот: Жанета Здравковска

Текстот оригинално е објавен на платформата Јасно.мк, а целосниот текст може да се најде на следниот линк.

Професорка по имунологија одговара дали е возможно да имаме колективен имунитет без вакцинирање на децата?
Како стресот од испитната сесија влијае врз менталното здравје на студентите?