Дебатата Пендаровски-Силјановска: Oстри меѓусебни обвинувања, со забелешки кој правел и кој што не правел во минатото
Oстри меѓусебни обвинувања, со забелешки кој правел и кој што не правел во минатото – ja одбележаа дебатата на претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова на ТВ 21.
На дебатата се зборуваше за времето кога Силјановска беше член на првата влада на Бранко Црвенковски од 1992 до 1994, за фри-шопот што му бил доделен на нејзиниот сопруг на граничниот премин Јажинце, во тогашна СР Југославија. Пендаровски тврдеше дека поради кршењето на санкциите против СР Југославија, наводно се заработувале и до еден милион марки дневно. Силјановска го отфрли сето тоа како измислици и рече дека Пендаровски тогаш бил низок службеник во МВР, но и како таков знаел за шверцот.
Зборуваа и за уставните измени и реформите. Силјановска-Давкова тврдеше дека проблемот во застојот на патот кон ЕУ не е неусвојувањето на уставните измени, туку дека тоа е високото ниво на корупцијата и слабото владеењето на правото, наведувајќи го последниот извежтај на „Фридом хаус“ за цикличен хибриден режим.
Пендаровски реплицираше:
„Во времето на партијата која ве поддржува, бевме заробена држава што е најлошата можна квалификација во историјата на Македонија. А дали знаете кога за првпат во историјата за Македонија е употребен ‘хибриден режим’? Во 90-те години со масовните приватизации и пљачки, кога вие бевте член на една од политичките влади и кога вие заедно со вашиот сопруг бевте први од транизицките профитери. Тоа се факти. Јас денес имам стан од 69 квадрати а вие имате несразмерно зголемен имот и тоа го знаат сите“, рече тој.
Силјановска рече дека тие ја прифаќаат преговарачката рамка, но без условот за уставните измени.
„Преговарачката рамка ние ја прифаќаме. Ние не го прифаќаме само елементот врзан за уставните измени и мислиме дека со поинаква добрососедска интерпретација, дека ако се копенхашките критериуми нека си разговараат комисиите и ги почитуваме европските темелни вредности и принципи и преговарачката рамка, ама и себе претседателе“, рече Силјановска-Давкова.