logo
logo
logo

Семејствата на жртвите на најголемиот пожар во Грција ја демолираа судницата (ВИДЕО)

Vecer | 29.04.2024

Семејствата на жртвите на најголемиот пожар во Грција ја демолираа судницата (ВИДЕО)

Судот во Атина денеска осуди маж за случајно палење пожар и петмина поранешни функционери на противпожарната служба. Судот ослободи 15 други лица, меѓу кои и регионални гувернери, од обвиненијата за прекршоци.

Еден од гувернерите бил обвинет и за убиство од небрежност, а семејствата на жртвите извикуваа „срам“ по читањето на ослободителните пресуди за функционерите.

Еден од присутните за време на изрекувањето на пресудата фрлил стол, поради што е приведен, јавуваат грчките медиуми. Тој не е единствениот кој направил хаос во судницата. Како што пренесува „Прототема“, членовите на неколку семејства почнале да фрлаат со столчиња и да ги навредуваат судиите додека ја напуштале судницата.

„Срам да ви е, немате ли деца?“, се слушало како викаат револтираните членови на семејствата на загинатите.

„Некорисни сте, животни!“ извикуваа огорчено.

„Цела Грција знае што се случи, сметавме на вас да ги осудите“, плачеа во судницата....

За потсетување, петмина осуденици, меѓу кои и поранешниот началник на противпожарната служба, добија казни од 15 до 111 години за повеќекратни кривични дела од небрежност што довеле до повреди и загуби на живот. Судијата претседавач наредил казните да се издржуваат истовремено, со затворска казна ограничена на пет години.

Сите петмина осудени функционери се ослободени и им е дозволено да платат парични казни наместо издржување на казната, проценета на до 40.000 евра, пренесува АП.

Шестиот човек, сопственик на имотот каде што избувнал пожарот, е осуден на три години затвор поради невнимание и исто така е ослободен.

Да потсетиме, 104 лица загинаа во пожарот во крајбрежниот град Мата, кој се случи во јули 2018 година. Преживеаните ги обвинија властите дека не ги координирале спасувачките операции и одговорот бил премногу бавен. Владата и локалните власти ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека поради силните ветрови невозможна била навремена реакција и дека целата одговорност е на луѓето кои го подметнале пожарот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk