ВЕНЕЦИЈА ПОЧНА ДА ИМ НАПЛАЌА ВЛЕЗ НА ТУРИСТИ, ЖИТЕЛИТЕ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ГРАДОТ СЕ ПРЕТВОРА ВО ТЕМАТСКИ ПАРК

Венеција, (Гардијан)

Властите на Венеција беа обвинети дека го претвориле градот во тематски парк откако на сила стапи наплатата на влезници за еднодневните туристи.

Венеција е првиот поголем град на светот кој воведе ваква шема. Градоначалникот Луиџи Бруњаро изјави дека влезницата од пет евра има за цел да го заштити градот од прекумерниот туризам и да ги одврати еднодневните посетители од доаѓање, со цел градот повторно да стане погоден за живеење. Сепак, неколку локални здруженија најавија дека денеска ќе протестираат против одлуката, сметајќи дека таа нема да ги реши проблемите во градот.

„Можам да ви кажам дека целиот град е против ова. Не можете да воведете влезница за град. Така само го претвораат во тематски парк. Тоа е лошо за имиџот на Венеција“, изјави Матео Секи, кој го води сајтот Venessia.com.

Влезницата се однесува на историскиот центар на Венеција, се купува онлајн и во првата пробна фаза ќе биде потребна за точно одредени 29 дена во периодот од 25 април до 14 јули, главно викенди. Жителите, работниците, студентите и децата до 14 години, како и туристите кои ноќеваат во Венеција, нема да мора да купуваат влезница.

Посетителите кои ќе бидат фатени без влезница ризикуваат казни од 50 до 300 евра.

Градските власти кажаа дека 5.500 луѓе букирале билет за 25 април, кога е национален празник во Италија. Бруњаро вети дека ќе ги намали локалните даноци за жителите ако шемата се покаже успешна.

(Фото: АП)