Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Посна пита со праз и суви пиперки

Бобе Јанкоска / Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – посна пита со праз и суви пиперки.

– Со слатката нота од пиперките и интензивната арома од празот, оваа пита предизвикува вкус што ќе ве освои веднаш – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки за тесто:

– 500 грама брашно
– лажиче сол
– 2 големи лажици масло
– лажиче оцет
– млака вода по потреба

Фил:

– 4 стебла праз исечкани на ситни коцки
– 10 суви црвени пиперки обарени
– 150 мл масло за готвење
– сол и бибер по желба

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Прво се подготвува филот, па откако ќе се излади, со него се филуваат корите.
Во тенџере со зовриена вода се ставаат сувите пиперки, претходно исчистени од дршки и семки. Се оставаат 10 минути да се сварат, потоа да се изладат, па се чистат од лушпите.
Во тава со масло на умерена температура се пржат празот и пиперките околу пет минути, па се додава 50 мл вода и се остава на тивко да испари водата. Потоа се зачинува со сол и бибер по вкус. Се пржи уште пет минути да се сврзат состојките и се тргнува од ринглата да се излади.

Се замесува тесто од просеано брашно, сол, масло, оцет и млака вода. Тестото убаво треба да се измеси, за да стане мазно, па се дели на шест топчиња, од секое топче се расукува по едно кругче од 10 см. Кругчињата се редат во замастен сад, се премачкуваат со масло, се покриваат со растеглива фолија и се оставаат 15 минути да одмори тестото.

На маса постилам чаршаф, земам едно топче тесто, со замастени раце без месење го растегнувам тестото и го ставам на чаршафот. Се растегаат краевите од тестото, колку што може повеќе, потоа се кинат дебелите краеви од тестото. Се попрскува кората со масло, па со фил. Потоа, со помош на чаршафот, се ролува тестото до половина од едната страна, па од другата страна на кората. Така се формираат две витки кои ги виткам во круг. Во замастена тава се става виткалникот. Продолжувате со истата постапка со секое топче од тестото.

Се пече 20 минути, во загреана рерна на 220 степени, додека да зарумени.

Испробајте го овој рецепт и уживајте во неодоливиот вкус на оваа посна пита.

На здравје!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот