Претседателот Трајковски имаше визија за иднината, таков ќе беше и денес, вели Костадиновска-Стојчевска

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Ротимле, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина, по повод 20-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и неговите соработници, на спомен-обележјето, каде што се случи несреќата, истакна дека Трајковски беше доблестен и храбар политичар, претседател со визија за иднината на државата.

„Ова место е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе, кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината“, потенцира министерката за култур, додавајќи дека денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија.

Зборувајќи за одлучноста и изнаоѓањето мирни решенија, Костадиновска-Стојчевска потсети дека кога Република Македонија сè уште ги зацелуваше раните од конфликтната 2001 година, околу претседателот Трајковски се обединија разумните, и од власта и од опозицијата, за преку дијалог да се постигне компромис.

„Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура додаде дека Трајковски водеше интензивна дипломатска активност, во која не ги штедеше ни личните пријателства, со што Република Македонија ја врати на меѓународната сцена како фактор на мирот на Балканот.

„И покрај одредени изјави дека нашиот од кон Брисел е тропање на затворена врата, тоа не го поколеба ни Трајковски ни тогашната влада. Заемната далековидост ја водеше земјата до стратегиските цели – НАТО и Европската Унија“, рече Костадиновска-Стојчевска нагласувајќи дека затоа ова спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг.

Во Ротимле присуствуваа и оддадоа почит претставници на Претседателството и на Советот на министрите на Босна и Херцеговина, претставници на Град Мостар и на Воздухопловството на БиХ, а се обрати и заменик-министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ивица Бошњак, кој рече дека претседателот Трајковски секогаш нудеше решенија и работеше на јакнење на односите и соработката во регионот.

„Токму поради тоа, и дваесет години по неговото трагично загинување, со огромен респект се присетуваме на големиот пријател и жалиме што загубивме искрен заговорник на еден подобар, попросперитетен и стабилен регион“, истакна Ивица Бошњак.

Тој додаде дека заминувањето на Трајковски е загуба не само за Северна Македонија туку и за регионот и за Босна и Херцеговина, која секогаш ќе го чува споменот за човекот што работеше на поврзување и зајакнување на соработката.

Во Ротимле им беше оддадена почит на поранешниот претседател Трајковски и на членовите на неговиот кабинет, соработниците, обезбедувањето и екипажот на владиниот „кингер“: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Анита Лозановска, Борис Велинов, Аце Божиновски, Марко Марковски и Бранко Ивановски, чии животи згаснаа на 26 февруари 2004 година.

Во македонската владина делегација, освен министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, во Ротимле денеска беа и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, претставници од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското Собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.