Аматери жедни за моќ или Фати ги ако можеш „талентираните“ господа Рипли

09.01.2024 13:06
Аматери жедни за моќ или Фати ги ако можеш „талентираните“ господа Рипли

И да има пилот во авионот, џабе ако екипажот е симулација. Последните случувања со М-НАВ колку и да ни изгледаат страшни и во прилог на уште еден пример на распаднатиот систем, всушност се зрак надеж дека нештата почнуваат да се менуваат. Уште еден таков светол пример е правдата истерана од Весна Дамева и нејзиното враќање на функцијата претседателка на Судскиот совет. Реакции и од професорите на УКИМ за ректорката Биљана Ангелова и нејзиното како што велат несовесно раководење со најстариот државен универзитет.

Се кренаа на нозе инжинерите, професорите, праведољубивите судии. Сите со иста намера: не дозволуваат непрофесионалци и компромитирани во своите редови за сметка на деградирање на професионалците.

Пандорината кутија сега не смее да се затвори, а таа насобра многу преку ситото на ерозивниот систем. Оваа речиси 30-годишна пракса на „,местенки“ и партиски вработувања, која особено безмилосно ја негуваше режимот на бегалецот мора да престане. Тој мајндсет дека е бенигно да поставуваш наставен кадар во училишатата кој е некомпетентен и само по заслуга дека е верен гласач и поранешен лепач на плакати мора да се смени.

Според таа истата логика партиски војници од сите политички ориентации негуваат чиста амбиција – да се позиционираат некаде во државна фирма. Ова стадо на „бели“ овци притоа воопшто нема капацитет да ја погледне личната квалификација или способност за извршување на функцијата.

Па, така, добиваме документи од администрација со погрешни податоци, комуницираме со полуписмени наставници, нè лекуваат со погрешни антибиотици, нè судат корумпирани судии без положен правосуден испит, нè возат во дефектни автобуси, детективи раководат со културни институции, театри се користат за собири на навивачки групи, медиуми стануваат збирштина на земјоделци…

Предолг е списокот на навидум мали малформации предизвикани од партиски позиционирани некомпетентните кадри. Но, колку што вината ја носат оние кои ветуваат вработувања, толку е поголема вината на самите тие кои без трошка совест се согласуваат да работат нешто за кое не се кадарни. Во филмот „Фати ме ако можеш“ на Стивен Спилберг (2002 г.) Френк Абегнејл е тинејџер чиј татко има проблеми со даночните органи, така што мора да се преселат од пространата куќа во мал стан. Гледајќи ги финансиските проблеми на својот татко, Френк се впушта во серија измами, мислејќи дека така ќе собере доволно пари за да го спаси семејството кое се распаѓа пред неговите очи. Затоа тој се преправа дека е пилот и почнува да фалсификува чекови а кога полицијата му влегува во трагата, тој се преправа во лекар, а потоа и во адвокат. Да, тој успева да ги измами сите во улога на различни професии без око да му трепне. Слично на ова во „Талентираниот господин Рипли“ на Ентони Мингела од 1999 година, главниот карактер ( игра Мет Дејмон) е чистач чија лична фрустрација ќе го натера на измами да влезе во друг идентитет.

Нам одамна реалноста ни е почудна од фикцијата, и навидум невозможните сценарија во општествените „игри“ добиваат црн епилог. Нема повеќе играчка со животот на граѓаните а насилниците во случајот М-НАВ треба да бидат изведени пред лицето на правдата. Во сите сегменти на општеството има професионалци кои мораат гласно да говорат и да ги посочат сите оние кои им ја валкаат професијата, особено таму каде што е загрозен животот на граѓаните. Партиските амблеми не се факултетски дипломи.

Кој и да е „пилот“ во државата не може да ги фати сите „талентирани господа Рипли“. Сите сме одговорни и во едно демократско општество имаме алатки да ги менуваме нештата. Да почнеме со приземјување и контрола на летањето во облаци, тоа дека секој може да биде се и сешто бидејќи партиските амблеми не се и факултетски дипломи.

Фотографиите се од филмот Catch Me If You Can (Steven Spielberg, 2002)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото