Иако не ја препорачуваат многу експерти, цуцлата сè уште е еден од најпродаваните додатоци за бебиња. Кај некои деца нагонот за цицање е толку голем, што на некои мајки не им преостанува ништо друго освен да се обидат да го смират детето со цуцла. Тогаш тој предмет изгледа како решение за спас. Се разбира, за мајката, бидејќи фокусирањето на цицањето го смирува детето за време на будниот период, ја ублажува можната напнатост или непријатност. Многу деца сакаат да имаат цуцла во устата дури и во сон, а кога ќе им падне, веднаш чувствуваат немир и почнуваат да плачат. Денес на пазарот можете да најдете голем број цуцли од најразлични форми и материјали, а во продолжение ви ги пренесуваме најосновните.

Облик на цуцла

Анатомска цуцла – воедно асиметрична, а благодарение на рамното дно го имитира обликот на устата.

Физиолошка цуцла – позната и како симетрична, доаѓа во две форми – во форма на капка или кружна, а и двете имитираат облик на брадавица.

Ортодонтска цуцла – може да има асиметрична или симетрична форма и му помага на детето во процесот на правилен развој на усната шуплина.

Материјал

Цуцла од латекс: латексот се произведува од гума, која е природен материјал, па затоа цуцлата е жолта. Постои можност неговиот вкус да не одговара за сите бебиња. Тие се поеколошки, но нивното одржување е потешко.

Силиконска цуцла: проѕирна, без вкус и мирис, лесна за одржување и чистење. Отпорна е на високи температури и ќе трае подолго.

Големина на цуцлата

Големината 1 – е идеална за новороденчиња и се препорачува до 6-месечна возраст.

Големината 2 – е совршена за бебиња од 6 месеци до 1 година.

Големината 3 се препорачува за дете на возраст од една до две години.

Колку често треба да ја менувате цуцлата?

Цуцлата треба да се менува на секои 1-2 месеца. Сепак, мајките го прават тоа поретко и во моментот кога им изгледа дека треба да се смени цуцлата. Најважно е редовно да ја проверувате да не има некое оштетување. Имено, бебињата лесно можат да ја оштетат цуцлата со гризење, или со непцата кои ги чешаат поради растот на првите заби. Потребни се само неколку секунди за да ја повлечете цуцлата во неколку насоки и да проверите дали има некакво оштетување. Доколку има, веднаш фрлете ја.

Какви знаци на истрошување треба да барате?

-промени во бојата на цуцлата
-дупки или оштетувања
-какви било лепливи или слаби точки.

Доколку забележите некој од овие знаци или комбинација од нив, време е да ја смените цуцлата.

Стерилизација на цуцлата

Стерилизирајте ја цуцлата секојдневно или неколку пати неделно, така што ќе ја варите во вода околу 5 минути (оставете ја да се излади 5 минути по стерилизацијата) или во микробранова печка. Внимавајте да не ја оставате цуцлата во близина на извор на топлина подолго време, или во растворот за стерилизирање подолго од препорачаното, бидејќи ова е сигурен начин да ја ослабнете цуцлата и да ја направите поподложна на оштетување.

Правила за користење на цуцлата

-Никогаш не користете цуцла за да го задоволите гладот ​​на вашето дете или како замена за вашето внимание. Понудете му на детето цуцла помеѓу оброците, кога знаете дека не е гладно. Пред да понудите цуцла, обидете се да откриете дали вашето дете можеби е гладно, уморно или му е здодевно.

-Никогаш не врзувајте му ја цуцлата на детето околу вратот или за креветчето, бидејќи постои ризик од задушување со конецот.

-Пред првата употреба, стерилизирајте ја цуцлата така што ќе ја варите во врела вода пет минути. Проверете дали е целосно изладена пред да му ја дадете на вашето дете. Одржувајте ја чиста со плакнење со топла вода.

-Погрижете се да нема пукнатини. Понекогаш родителите му даваат цуцла на детето откако ќе му дадат лекови (антибиотици, витамини), но некои од овие лекови може да го оштетат материјалот на цуцлата.

-Менувајте ја цуцлата на секои два месеца.

-Никогаш не потопувајте ја цуцлата во шеќер или мед бидејќи тоа може да им наштети на забите на бебето.

-Не дозволувајте поголемо дете да ползи или да оди по цел ден со цуцла во устата, бидејќи тоа може да му наштети на развојот на говорот и да предизвика проблеми со забите.

-Не дозволувајте детето да ја џвака цуцлата бидејќи може да пукне.

Важно!

Бебето кое тешко добива на тежина и слабо напредува, не треба да добива цуцла. Исто така, доколку детето има чести инфекции на увото, обидете се да ја избегнувате цуцлата. И никогаш не користете цуцла за да го задоволите гладот ​​на вашето дете.

Извор



912

X