Координаторот на американскиот Совет за национална безбедност за стратешки комуникации Џон Кирби денеска не кажа дали претседателот Џо Бајден побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да покаже воздржаност во одговорот на Израел на нападот на Иран.

- Сè што ќе кажам е дека претседателот, од почетокот на овој конфликт на 7 октомври, беше непоколеблив и доследен … Не сакаме да видиме војна со Иран, не сакаме да видиме поширок регионален конфликт, ќе го направиме она што треба да го направиме за да го одбраниме Израел, ја пренесува Си-Ен-Ен изјавата на Кирби.

Американската телевизија за време на викендот јави дека Бајден во телефонски разговор побарал од Нетанјаху да ја смета саботата за победа бидејќи САД оцениле дека нападите на Иран биле во голема мера неуспешни и ја покажале супериорната воена способност на Израел, додека, исто така, јасно ставил до знаење дека САД нема да учествуваат во какви било офанзивни операции против Иран како одговор, според висок претставник на администрацијата.

Кирби не сакаше да каже дали Бајден планира наскоро повторно да разговара со Нетанјаху, велејќи дека тие често разговарале во изминатите шест месеци и најверојатно ќе разговараат повторно.


Администратор
16/04/2024 04:28