Изненадување: Италија планира да ја зголеми максималната брзина на делници од автопатиштата?!

Италија има поинаков пристап од многу европски земји, кои размислуваат за намалување на брзината поради климатската криза

Од вкупно 7.000 километри автопатишта во Италија, 2.000 километри имаат три или повеќе сообраќајни ленти, а 1.550 километри се под постојана контрола на брзината. Брзината на автопатите А4 (Милан-Бреша), А26 (Џенова Волтри-Гравелона Точе), А14 (Болоња-Бари) и А30 (Казерта-Салерно) може трајно да се зголеми на 150 km/h, најави италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини.

Италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини најави дека зголемувањето ќе се врши само на рути кои се сметаат за особено безбедни. Министерот појаснува дека најголем број од смртните случаи не се на автопатиштата, туку на јавните патишта.

Во Италија ограничувањето на брзината е 90 km/h надвор од населените места, 110 km/h на јавните патишта и 130 km/h на автопатиштата.

Италија има поинаков пристап од многу европски земји, кои размислуваат за намалување на брзината поради климатската криза. Засега не е одреден прецизен датум кога би можело да се сменат ограничувањата на брзината…