СОНК контра МОН: Од кога неработните денови стануваат работни за училиштата?

Основните училишта ќе треба да ги одработуваат неработните денови за претстојните избори. МОН испратило допис дека часовите од 24 април треба да се одработат на 18 мај, а часовите предвидени за 8 мај ќе треба да се одработат на 1 јуни.

Освен тоа училиштата во Скопје на 15 јуни ќе треба да ги одработат и пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Синдикатот за образование реагираше на ваквата одлука на МОН.

Од МОН пак веќе соопштија дека со цел да се исполни одредбата од Законот со кој учебната година се остварува во 180 наставни денови, наставата ќе се реализира целосно како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта.

Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, велат од МОН. Како што претходно соопштија оттаму, деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта, а таму каде што ќе се гласа, наставата ќе биде со скратени часови.

Министерството за образование и наука информира дека 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. При тоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7:00 до 11:00 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред. Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.“ - велат од МОН.

Претходно на седница, Владата заклучи 24 април и 8 мај да бидат неработни денови за сите граѓани на Македонија, заради непречено спроведување на изборите и овие два дена да не се одработуваат.