Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, во рамките на посетата на СВР Струмица, учествуваше во превентивните активности „Стави појас, вози безбедно“ и „Стоп за возење под дејство на алкохол“, кои се реализираа во општинскиот центар Босилово.

Според Тошковски, со вакви превентивни акции може да се делува на намалување на несреќите.

-Се надевам дека во иднина ќе имаме помалку несреќи и барем ќе се воздржуваме од управување на моторно возило под дејство на алкохол и ќе го управуваме возилото според сите правила и стандарди за користење на истото, рече техничкиот министер за внатрешни работи.

Во одговор на новинарско прашање за обвинувањата од СДСМ дека во изминатите два месеци се зголемени кражбите и има пораст на криминалитетот и дека со неговото доаѓање на чело на МВР работите не одат на подобро, Тошковски одговори дека вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор, бидејќи овие изјави се несериозни и тој не сака да ги коментира.

-Да видиме дали ќе бидат доблесни да се нормализира комуникацијата со јавноста или ќе се продолжи со вакви бесрамни потези, кадешто буквално македонскиот народ се смее на тоа што го терат долго време како приказна.Дајте да завршиме со вакви паушални обвинувања. Дајте да завршиме со фрлање на пердуви насекаде без никаква основа и да се фатиме за работа и да направиме држава каква што треба. Доста е веќе со голи политики и политаканство и со лажење на народот, рече Тошковски.

Тој денеска го посети и пунктот за издавање на лични документи во Полициското одделение во Ново Село.


Администратор
28/03/2024 19:07