Без разлика дали тоа е неодложна обврска, неочекуван деловен состанок или договор за чување деца што не се реализирал, веројатно ќе има моменти кога секој родител ќе треба да го остави своето дете само дома. Разбирливо е дека родителите се загрижени кога првпат ги оставаат децата без надзор, но со добро планирање, останувањето дома може да биде позитивно искуство за детето, давајќи му чувство на самодоверба и независност.

Но, кога е вистинското време детето да остане само дома? Очигледно, петгодишно дете не може да биде само, но повеќето 16-годишници можат. Како што објаснуваат психолозите, може да биде тешко да се знае со сигурност кога децата се подготвени да поднесат да бидат сами дома.

Во повеќето случаи се работи за процена на родителите. Генерално, психолозите советуваат дека не е добра идеја децата под 10 години да се оставаат сами дома. Секое дете е различно, но на таа возраст на повеќето деца им недостига потребната зрелост и вештини за да одговорат на итен случај.

Важно е да се земе предвид како детето се справува со различни ситуации. На пример, дали детето е одговорно кога станува збор за пишување домашна работа и извршување на домашните задачи, како се справува со неочекувани ситуации, дали е мирно кога работите не одат според планот и дали ги разбира или ги почитува правилата. Исто така, јасно е дека родителите не треба да го оставаат детето само дома ако е плашливо.

Од друга страна, ако детето е одговорно, не се плаши да биде само и е доволно возрасно да процени дали нешто е безбедно или не, подготвено е да остане само дома. Дури и кога родителите се убедени во зрелоста на своето дете, паметно е да го остават само дома неколку пати накратко за да го подготват што подобро, но и родителите да бидат што е можно посигурни дека сѐ ќе биде во ред со нивното малечко.

Извор



912

X