Родителството е исцрпувачки маратон – од раните денови без сон, непрекинатата работа со децата на воннаставните активности во основно училиште, до стресот од започнувањето на студиите на факултет. Овие притисоци се многу реални и не треба да се потценуваат.

Парадоксално, нашите реакции на родителскиот стрес честопати може да се зголемат. Наместо тоа, треба да смислите начини како да ги решавате родителските проблеми со одземање, а не со додавање, што често дава решенија кои се исто толку ефективни.

Зошто имаме тенденција да ги решаваме проблемите со додавање наместо со одземање?

Кога ќе наидеме на проблем, нашиот мозок е повеќе оспособен да размислува за решение со додавање нешто, вели Џел Шенбрун, професор по психологија на Универзитетот „Браун“ и автор на книгата „Работи. Биди родител. Напредувај“.

Како што забележува Шенбурн, во поголемиот дел од човечката историја, главниот проблем во воспитувањето на децата било справувањето со немаштијата, што барало дополнителни решенија: повеќе храна и повеќе засолништа. Во свет каде што може да се задоволат основните потреби, проблемите изгледаат поинаку.

„Таков вид решение не функционира добро во современиот свет, така што имаме неусогласеност помеѓу биологијата на нашиот мозок и нашата култура“, вели Шенбрун.

Идејата за решавање проблеми со одземање првпат ја предложила соработничката на Шенбрун, Лејди Клоц, професорка по инженерство на Универзитетот во Вирџинија, чие истражување се фокусирало на решавање проблеми со одземање. Во серија експерименти, објавени минатата година во списанието „Природа“, Клоц и нејзините соработници можеле да покажат дека иако одземањето е често ефикасен начин за решавање на проблемите, тоа не е нешто што е општо прифатено и вообичаено. Дури и Клоц има спротивен став кога станува збор за хаосот наречен родителство.

Колку е поголем стресот, толку е поголема веројатноста да додаваме наместо да одземаме

Како што покажуваат истражувањата и личното искуство на Клоц, колку повеќе сме под стрес, толку повеќе го игнорираме одземањето како опција за решавање на нашите проблеми. Во научниот свет ова се нарекува „когнитивно оптоварување“. Во светот на родителството тоа се нарекува исцрпеност и преоптоварување.

„Склоноста кон занемарување на одземањето се зголемува уште повеќе кога сме под стрес“, вели Шенбрун.

И како што Лејди Клоц неодамна изјавила за „Вашингтон пост“: „Често размислуваме за списокот со задачи и за работите што треба да ги правиме и ретко размислуваме за тоа што можеме да престанеме да правиме. И така, со текот на времето, имаме сè повеќе работи на грб“.

Оваа тенденција е една од причините зошто наоѓаме решенија во запишување на децата на повеќе дополнителни активности, купување повеќе играчки или купување машина што создава „бел шум“ за бебињата наместо да размислуваме за тоа кој стрес можеме да го намалиме во нашите животи и да направиме простор за решавање на проблемите, на други начини. Суптрактивното родителство може да се заснова на тоа што повремено ќе им дозволиме на нашите деца да се досадуваат или да ги натераме да станат креативни со нивните постојни (но, здодевни) играчки.

Како да се спроведе ова во практика?

Префрлувањето на овој начин на размислување бара работа. „Имаме идеја дека намалувањето на нешто треба да биде без некој напор, но всушност се работи за спротивното“, вели Шенбрун.

„Потребен е многу вложен труд за да дојде до одземање, бидејќи нашиот мозок не е оспособен да го земе предвид одземањето како опција“.

Како тоа ќе се одвива, ќе зависи од индивидуалните желби и потреби. Сепак, постојат неколку водечки принципи кои ѝ помогнале на Шенбрун да го примени тоа во нејзиниот живот.

Размислете за вашите вредности – Кога станува збор за одлуката да се одбие или задржи нешто, тоа треба да биде направено свесно и намерно. Советот на Шенбрун е да размислите кои се вредностите на вашето семејство и да го искористите тоа за да донесувате одлуки. На пример, Шенбрун одлучила да плива заедно со своите деца наместо да ги запише на часови по пливање, затоа што ужива да поминува време со нив. Иако би научиле подобри техники на пливање на официјалните часови, таа одлучила дека времето поминато заедно со децата е многу повредно и помалку стресно.

Цел нека ви биде мешавината од додавање и одземање. Иако одземањето може да помогне да се намали стресот од семејниот живот, тоа не значи дека треба да отфрлите сè. Наместо тоа, се работи за отсекување работи со помала вредност и оние активности кои одземаат повеќе енергија и време отколку што навистина вредат, додека се додава она што е навистина важно.

Клучот е да бидете сигурни дека што и да додадете е соодветно за вас и вашето семејство. „Мораме да постигнеме рамнотежа“, вели Шенбрун.

Во ред е да ви биде непријатно. Како што забележува Шенбрун, субтрактивното родителство може да биде крајно непријатно, без разлика дали ќе му дозволите на вашето дете да плаче додека да заспие, или ќе му дозволите да размислува за својата досада, наместо да управува со својот распоред полн со часови и активности. На пример, кога станува збор за заспивање на детето, „истражувањето покажува дека треба да правите помалку“ во таа насока, вели Шенбрун. „Родителите кои се трудат помалку да ги заспијат своите деца, имаат деца кои спијат подобро“.

Ова се однесува и на различни други сценарија, од надгледување на домашната задача на вашето дете до справување со ривалството помеѓу браќата и сестрите. „Пуштањето на контролата може да биде неверојатно тешко кога децата врескаат едни на други или кога наставникот на вашето дете ќе ве повика на разговор“, признава Шенбрун. Но, колку и да е непријатно да се повлечете, вие всушност на децата им помагате на долг рок, а во исто време ќе го задржите вашиот разум. „Нека грешат“, рече таа. „Всушност, така децата најдобро учат“.

Извор



912

X