Последен работен ден на Собранието во овој состав

Официјално последен работен ден на народните избраници до формирањето на новиот парламентарен состав иако на денешниот брифинг собранискиот спикер Јован Митрески посочи дека не ја исклучува можноста доколку има итна потреба да биде свикана некоја седница.

Сепак додека трае изборната кампања  и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница. Митрески посочи дека ова се редовни парламентарни избори и дека согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание.  

Објаснувајќи ги роковите посочи дека на 12 мај  треба да биде свикана седницата за инаугурацијата за новиот претседател. До 28 мај  конститутивната седница за идниот парламентарен состав.

Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседателот на новиот параментарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни. 

За време на овој парламентарен состав 2020-2024 закажани се 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти кои се влезени во процедура и не се завршени.  Во мандатот на Митрески што започна на 26 јануари, донесени биле 72 закони и одлуки. 

Сепак и власта и опозицијата изминатите неколку дена излегоа со различни толкувања и оценки за работењето на овој парламентарен состав откако опозицијата обвини дека малубројното парламентарно мнозинство е виновно што речиси една третина од собраниските седници останале недовршени, а реагираа и на неставањето на интерпелациите на Џафери, Маричиќ и Николовски, но и како што обвинуваа неажурноста на владините коалициски партнери да расправаат за информациите на опозицијата поврзани со тетовската  модуларна болница  и сообраќајната несреќа Ласкарци.

Власта пак со контраобвинувања дека голем дел закони останале недонесени поради тоа што за нив седници не свикувале токму претседатели на комисии и работни тела од редовите ВМРО-ДПМНЕ . 

Овој парламентарен состав ќе остане запаметен дека реботеше со мерки и протоколи во време на Ковид пандемијата, но и  по закони кои се носеа со европско знаменце за што реагираше и ЕУ како и  измените во кривичниот законик со кој застареа делата на предметите од СЈО кои им се ставаа на товар на познати личности од општествениот и политичкиот живот.

Иако народните избраници во ово состав ја почнаа седницата на која се разглкедуваше потребата за отварање на уставот сепак поради немањето на 80 пратеници или двотретинско мнозинство гласови уставните измени останаа неизгласани.