На пазарот пораст на продажбата бележат само гумите за сите сезони, покажува анализата на производителите

Продажбата на гуми во Европа во првиот квартал од 2023 година е значително намалена, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на гуми и гума (ETRMA). Резултатите ги сумираат податоците за гуми купени како резервни – односно не се продадени на фабрики за автомобили. Според извештајот, побарувачката во првиот квартал е значително намалена во однос на истиот период лани.

„Следејќи ги негативните трендови забележани во втората половина на 2022 година, обемот на продажба на компаниите членки на ETRMA покажува пад во сите категории на производи во првиот квартал од 2023 година во споредба со првиот квартал од 2022 година“, вели Адам Мекарти, генерален секретар на ETRMA.

Во сегментот на резервни гуми произведени за патнички автомобили, во првите три месеци од 2023 година е забележан пад од 12 отсто. Кај летните гуми падот е 13 отсто, кај зимските – 26 отсто, минимално зголемување бележат само гумите за сите сезони. Пазарот на гуми за камиони и автобуси се намалил за 18 отсто, а исто така и пазарот за земјоделски гуми, каде што продажбата паднала за 39 отсто во првиот квартал на 2022 година. Продажбата на гуми за мотоцикли паднала за 3 отсто.

Во споредба со последната „година на мирот“, односно првиот квартал од 2019 година, продажбата на гуми за камиони и автобуси останала на исто ниво, но продажбата на резервни гуми за патнички автомобили е намалена за четири и пол процентни поени во однос на оваа основа, додава генералниот секретар на ETRMA.

„Падот треба да се гледа во контекст на континуираната висока инфлација на сите европски пазари и континуираното негативно влијание на војната во Украина, особено на цените на енергијата“, додава Адам Мекарти, генерален секретар на ETRMA.