Рубрика: Психологија
Креативните луѓе уживаат во времето поминато во безделничење повеќе од останатите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.07.2023 - 15:15

Во текот на еден типичен ден, креативните луѓе имаат поголема веројатност да го извлечат максимумот од времето поминато во безделничење со истражување на нивниот ум, укажува новата студија на истражувачите од Универзитетот во Аризона.

Студијата, објавена во Creativity Research Journal, открива дека креативните луѓе имаат поголема веројатност плодно да го користат времето поминато во мирување со тоа што ќе дозволат идеите да се менуваат и претопуваат една во друга во нивната глава додека, условно, “не прават ништо”. Учесниците во студијата кои биле покреативни помалку чувствувале досада кога биле оставени сами во соба, открија истражувачите. За време на пандемијата, време кога светот доживеа невообичаено долги периоди на неструктурирано време, на креативните луѓе им беше помалку здодевно и повеќе се занимавале со своите мисли.

Заинтересиран сум особено за креативноста бидејќи сакавме да знаеме што се случува во умот на креативните поединци, особено во ситуации кога ништо не ги ограничува нивните мисли“, вели водечкиот автор на студијата Квентин Рафаели, дипломец од Одделот за психологија при Универзитетот на Аризона.

Како што посочува Џесика Ендрјуз-Хана, вонреден професор на Катедрата за психологија и виш автор на трудот , во психологијата и невронауката, повеќето студии за човечките мисли или ги поттикнуваат учесниците да размислуваат на одреден начин или бараат од нив да известуваат за мислите што ги доживеале, но помалку е познато како мислите природно се појавуваат и се развиваат со текот на времето во неподвижен контекст. „И тука доаѓа нашата студија“, – вели таа.

Историјата изобилува со анегдоти за познати научници, уметници и филозофи кои уживале да бидат оставени сами со своите мисли, а тие луѓе честопати ги добивале некои од нивните најдобри идеи во периоди на безделничење. Денес, во време на “пребукираност” со обврски и на сеопфатна дигитална поврзаност, на времето посветено на поминување сам со своите мисли без вознемурување, може да се гледа како на редок настан и луксуз.

Истражувачите ја поделиле студијата на два дела. За првиот експеримент, тие побарале секој од учесниците да седи сам во соба 10 минути, без никаков пристап до дигитални уреди. Во отсуство на одредено барање, од учесниците било побарано гласно и во реално време да ги изразат своите мисли. Снимените датотеки од 81 учесник потоа биле транскрибирани и анализирани.

Истражувачите ја процениле креативноста на учесниците преку „тест за дивергентно размислување“,лабораториски заснован вербален тест кој ја мери способноста на една личност да размислува надвор од рамката. Кај учесниците кои имале подобри резултати на тестот за за дивергентно размислување протокот на мисли бил слободен и поврзан една со друга, а честопати  во изразувањето провејувале фрази како „ова ме потсетува на“ или „кога веќе зборувам за тоа“. Ако добар дел од учесниците покажувале тенденција да скокаат помеѓу навидум неповрзани мисли, креативните поединци покажале знаци на поасоцијативно размислување. Првиот експеримент, исто така, покажал дека креативните луѓе се повеќе ангажирани во своите мисли кога остануваат сами без предмети што би им го одвлекле вниманието, како мобилен телефон и интернет, на пример. Тие исто така, во глобала се изразувале со повеќе зборови.

За да ги надополнат своите првични наоди, истражувачите ја проширија својата студија во контекст на многу поголем временски период, пандемијата со ковид-19, кога луѓето многу почесто беа сами со своите мисли.

За вториот експеримент, над 2600 возрасни пополниле прашалник преку апликација за паметни телефони наречена Mind Window, развиена од Ендрјус-Хана и дипломецот Ерик Ендрјус. Учесниците кои се самоидентификувале како креативни изјавиле дека им е помалку досадно за време на пандемијата.

Како што стануваме сѐ повеќе преоптоварени, препланирани и зависни од нашите дигитални уреди, сметам дека треба да вложиме повеќе напори за во нашите домови, нашите работни места и во нашите училишта да негуваме време за едноставно да се опуштиме со нашите мисли“, вели Ендрјус-Хана.

Истражувачите продолжуваат со оваа истражување во истата насока користејќи ја нивната апликација Mind Window. Тие ги охрабруваат луѓето да ја преземат и да ја користат апликацијата за да им помогнат на научниците да разберат како размислуваат луѓето ширум светот во нивниот секојдневен живот.

Разбирањето зошто различни луѓе мислат на начинот на кој мислат може да отвори врата кон подобрување на здравјето и благосостојбата“, смета Ендрјус-Хана.

Клучни зборови: