Ископана огромна статуа на Рамзес Втори во Египет

 Заеднички египетско-американски тим археолози го откри горниот дел од џиновска статуа на фараонот Рамзес Втори, за време на ископувањата јужно од градот Миња во Египет, соопшти тамошното Министерство за туризам и антиквитети.

- Блокот од варовник е висок околу 3,8 метри и го прикажува Рамзес седнат со двојна круна на главата и наметка со владетелска кобра, појасни Басем Џихад, раководител на египетскиот дел од тимот.

Големината на статуата споен со нејзиниот одделен долен дел, којшто е ископан пред неколку десетлетија, би достигнала околу седум метри. На горниот дел од задниот столб на статуата се прикажани хиероглифски натписи што го воздигнуваат фараонот, инаку еден од најмоќните владетели на Древен Египет, познат и како Рамзес Велики. Тој бил третиот фараон од 19. египетска династија и на престолот бил од 1279. до 1213 година п.н.е.

- Истражувањата потврдија дека горниот дел од статуата се совпаѓа со претходно откриениот долен дел забележан од германскиот археолог Гинтер Родер во 1930 година. Мисијата почна со чистење и подготовка на блокот пред да се моделира како ќе изгледа статуата кога ќе се спојат двата дела, изјави Мустафа Вазири, управител на египетскиот Врховен совет за антиквитети.

Историскиот град Ел Ашмунеин, на западниот брег на реката Нил, бил познат во древноста како Кемну, а во хеленистичко-римската ера бил главен град на областа Хермополис Магна.

Фото: Министерство за туризам и антиквитети на Египет

Повеќе од 400 луѓе евакуирани поради поплави во Тексас

Многу населби во градот Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, беа поплавени вчера по обилните дождови, кои ги принудија спасувачите да евакуираат повеќе од 400 луѓе од домовите.

Поплавите зафатија голем дел од Тексас, од Хјустон до руралниот Источен Тексас, каде што спасувачите ги поминуваа улиците и патиштата со чамци, за да спасат луѓе и домашни животни кои не биле евакуирани навреме.

Официјални претставници издадоа упатства до жителите во ниските области да се евакуираат, предупредувајќи дека најлошото допрва доаѓа.

Нови врнежи се очекуваат утре, а властите признаваат дека може да има многу проблеми доколку има обилни дождови.

Пролетна модна ревија на домашни миленици

На 15 јуни во „Јавна соба“ ќе се одржи првата модна ревија на домашни миленици во организација на Асоцијацијата на стилисти за домашни миленици на Македонија.

Организаторите најавуваат околу 15-тина сопственици на салони за домашни миленици кои ќе се претстават со својот миленик - модел и ќе објаснат на кој начин го третирале крзното кај миленикот, а пред да почне дефилето, ќе се разговара и за стандардот на занимањето - стилист за домашни миленици, кој е обврзувачки за сите грумери.

Настанот ќе биде збогатен и со штандови на кои ќе може да се претстават пет шопови, увозници на козметика за миленици, одгледувачници.... Поканети се да учествуваат и креатори на накит и облека за миленици.

Настанот нема натпреварувачки карактер. Целта е да се промовира грумингот во земјава и да се подигне свеста за правилното третирање на крзното на домашните миленици.

Украина соопшти дека во изминатата ноќ соборила 23 дронови лансирани од Русија

Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека синоќа соборила 23 од вкупно 24 дронови камикази лансирани од Русија на територијата на Украина.

Соопштението било објавено на социјалната мрежа Телеграм од украинските воздухопловни сили.

Оттаму посочија дека беспилотните летала биле лансирани од територијата на Курската област во Русија и Крим. Се додава дека воздушниот напад бил одбиен, а беспилотните летала биле соборени над регионите Харков, Херсон и Дњепропетровск, забележува Укринформ.

притисни ентер