Ако вашето дете има една година и сè уште не оди, тоа не значи дека има моторички проблеми. Ако, пак, оди добро пред типичната возраст, тоа не значи дека ќе стане олимпиец. Времето во кое треба да се случи пресврт е само насока, а не факт или правило. Речиси сите пресвртници се флексибилни, а опседнувањето со нив може да им нанесе повеќе штета на вашето дете.

И тоа е точно за сè – од свртување на стомакот до изговарање на првите зборови, но тоа е особено точно за некои од големите пресвртници како што се ползењето, спиењетоо преку ноќ, јадењето цврста храна, навикнување на нокшир и ​​зборувањето.

Еве шест пресвртници во развојот на бебето што родителите никогаш не треба да ги брзаат – и кога всушност да почнат да се грижат за нив.

Пресвртница број 1: Спиење преку ноќ

Ова е вообичаена „опсесија“ на секој родител. Се разбира, постојат легитимни и објективни причини за ова: родителите не можат да спијат цела ноќ додека нивното бебе не го направи истото. Многу бебиња можат да спијат од 6 до 8 часа одеднаш до 3 или 4 месеци возраст, со неколку дремки во текот на денот. Оваа временска шема може да ви помогне и да ве упати како и кога да ги испробате овие подолги периоди на спиење, но добар целосен сон може да се случи многу подоцна. На ова влијаат многу фактори, вклучувајќи ја фазата на развој и скоковите во растот, здравјето и благосостојбата на детето, практиките на хранење и практиките на родителство. Начинот на спиење на бебето може да биде под влијание и на генетиката – некои бебиња природно имаат помирен темперамент, што резултира со полесно заспивање и подолго спиење.

Пресвртница бр. 2: Кажување на првите зборови

Повеќето едногодишници имаат околу еден збор во нивниот речник и развиваат околу 10 збора до 15 месеци возраст и 50 збора до 2 години возраст. Но, сето тоа е само просек. Секој родител посакува да го слушне своето бебе како го кажува првиот збор, но периодот за тоа да се случи е прилично флексибилно. Исто така, постојат многу различни примери на зборови, од вистински зборови до слогови, извици, животински звуци и слично, кога станува збор за комуникацијата која ја применуваат бебињата. Сѐ додека нешто од ова се случува, нема потреба да се грижите за развојот на говорот на детето. Присилувањето на детето да зборува може да го обесхрабри да се обиде да комуницира, ако тоа го поврзува со негативни искуства. Бебето го следи вашето водство и ги одразува вашите вербализации и гестови, а тоа го докажале различни студии. Обидете се често да разговарате со вашето бебе, да му читате, да пеете песни и да учествувате во интеракции. Нема потреба да брзате со оваа пресвртница, но ако самите зборувате повеќе, ќе го поттикнете и вашето бебе да зборува.

Пресвртница бр. 3: Премин кон цврста храна

На возраст од 6 до 8 месеци повеќето деца се подготвени да ги јадат сите видови цврста храна. Сепак, некои деца можеби се повеќе или помалку љубопитни кога станува збор за различната конзистентност и текстура на храната. Наместо да брзате кон оваа пресвртница, обидете се да ги набљудувате потребите на вашето бебе и знаците за хранење, бидејќи вродениот инстинкт на бебето е да ја истражува храната со свое темпо. Присилното хранење на вашето малечко со цврсти производи може да создаде аверзија или страв од нив, а тоа го поткопува односот на вашето дете со храната. Исто така, поткупувањето на детето да јаде цврста храна со слатки и нездрава храна може да придонесе за нездрави навики подоцна.
Покрај тоа, постојат многу механички проблеми кои можат да настанат доколку детето не е подготвено да голта погусти и поголеми материи. Присилувањето може да доведе дури и до задушување, грчеви и аспирација или кашлање и плукање храна.

Пресвртница бр. 4: Ползење

Ползењето обично започнува помеѓу 7 и 10-месечна возраст. Често се вели дека е голема пресвртница бидејќи ги опфаќа способностите за физички, ментален и емоционален развој. Но, излегува дека ползењето не е толку голема работа. Некои деца дури и целосно го прескокнуваат ползењето. Наместо да ползат, овие деца се движат каде сакаат на грб, користејќи ги рацете. Други деца се тркалаат од место до место. Некои ползат како ракови, други како мечки, некои дури и со стомаците на подот. Тоа не значи дека тие имаат моторички проблеми и лесно можат да почнат да одат кога тоа го прават и нивните врсници. Значи, додека вашето дете некако се обидува да стигне од една точка до друга, не е навистина важно како тоа го прави.

Пресвртница бр. 5: Одење

Упатствата на педијатарите за одењето наведуваат дека одењето е пресвртница која обично се стигнува до 12 месеци возраст, но и овде има голема флексибилност и нема причина за тревога ако таа пресвртница не се случи дотогаш. Ако децата не одат до 18 месеци, или не одат рамномерно до две години, тогаш вреди тоа да се провери кај педијатар. Во овој период сѐ уште има доволно време за рана интервенција доколку е потребна. Времето кога детето ќе почне да оди зависи и од темпераментот, а тоа е така затоа што ја проширило листата со вештини неопходни за одењето: некои ползат, некои се држат за нешто, некои стојат исправено. Најдоброто нешто што родителот може да го направи за да му помогне на своето дете да оди е да го надгледува и да се погрижи да не се повреди, но сè друго треба да научи самостојно.

Пресвртница бр. 6: Навикнување на нокшир

На возраст од 2 до 3 години децата може да почнат да се збогуваат со пелените. Бидејќи ова е време кога некои деца почнуваат да одат во градинка, одвикнувањето им предизвикува многу стрес на родителите. Но, не е крај на светот ако детето не се одвикне од пелените до двегодишна возраст. Присилувањето може да доведе до полоши последици. Детето може да се исплаши и да биде под стрес поради нуждата, па да ја задржува – што може да доведе до хронични здравствени проблеми, запек или инфекции на уринарниот тракт.

Автор: Луна Николиќ

Извор



912

X