Компанијата, која со години е позната по своите лаптопи, таблети и монитори, претстави лесен електричен велосипед наречен „ebii“.

Кога некому ќе ја спомнете компанијата Acer, повеќето ќе помислат на компјутери. Без разлика дали се работи за лаптопи или таблети, ултрабук или гејмерски ѕверови од линијата Predator. Меѓутоа, оваа компанија сега е актуелна и со нешто сосема друго – „ebii“, лесен електричен велосипед кој освен апликација за паметни телефони, нема никаква врска со компјутери или таблети.

Електричните велосипеди, како и скутерите се сè попопуларни на глобално ниво, а „ebii“ дефинитивно изгледа многу интересно. Широкиот „ebii“ во средината содржи контролна кутија, батерија и светло, а седиштето и воланот се испакнати нагоре. Бидејќи Acer на крајот на краиштата е производител на компјутери, батеријата од 460 W може да се отстрани и да се користи како пренослива станица за полнење на USB-C уреди.

Со нешто повеќе од 16 килограми, „ebii“ е лесен – делумно заштедува тежина со користење на еднострана вилушка за предната гума. Acer вели дека може да ги прими повеќето возачи високи помеѓу 145 и 185 cm, што значи дека на особено високите возачи веројатно нема да им биде удобно на овој компактен велосипед. Ако очекувавте рекордни брзини и досег, не ги зголемувајте надежите, бидејќи „ebii“ има максимална брзина од околу 25 km/h и домет од 110 километри.

Ebii го придвижува „вештачка интелигенција“

Acer споменува дека „ebii“ се придвижува со вештачка интелигенција (AI), но ни се чини дека терминот AI овде се користи повеќе за маркетинг цели отколку за можностите на велосипедот. Вештачката интелигенција е вградена во апликацијата и може да се прилагоди на моќта на вртење на педалите од страна на возачот, условите за возење и на тој начин да го дозира потребното ниво на помош, а учењето со текот на времето ќе обезбеди „поперсонализирано искуство“. Иако не е погрешно овие карактеристики да се наречат вештачка интелигенција, тие технички спаѓаат под попрецизен термин – машинско учење.

Acer ebii исто така користи апликација на вашиот телефон за заклучување и отклучување на велосипедот кога ќе се приближите, а велосипедот вклучува и GPS позиционирање за да можете да го најдете во случај да заборавите каде сте го оставиле. Acer додава дека „ebii“ има „паметен LED дисплеј“ за прикажување на нивото на батеријата и преостанатиот опсег, но тој екран не е сосема видлив на достапните фотографии, кои наместо тоа покажуваат паметен телефон поставен на средината на рачката.

Засега Acer не објави колку ќе чини ebii или кога и каде ќе биде достапен.